• вторник, 05 ноември 2024

Филипинската полиција ги истражува тврдењата на поранешниот претседател Дутерте за постоење „одред на смртта“

Филипинската полиција ги истражува тврдењата на поранешниот претседател Дутерте за постоење „одред на смртта“

Манила, 30 октомври 2024 (МИА) - Филипинската полиција денеска соопшти дека ќе ги испита тврдењата на поранешниот претседател Родриго Дутерте дека собрал „одред на смртта“ за да го контролира криминалот додека бил градоначалник на јужниот град Давао.

Портпаролот на филипинската национална полиција (ПНП), Жан Фајардо, рече дека имињата споменати на сослушувањето ќе се користат како индиции и основа за истрагата. Тој рече дека началникот на ПНП им наредил на полицајците да пронајдат нерешени смртни случаи поврзани со дрога, вклучително и оние кои може да се поврзани со таканаречениот одред на смртта.

Дутерте во понеделникот ги посочи поранешните полицајци присутни на истрагата на Сенатот за неговата смртоносна „војна против дрогата“ како водачи на одредот на смртта, чие постоење поранешниот претседател и неговите сојузници со години го негираат. Дутерте подоцна рече дека гангстерите, а не полицијата, го сочинувале „одредот на смртта“.

Поранешниот началник на полицијата, кој стана сенатор, Роналдо дела Роса, кој ги извршуваше наредбите на поранешниот градоначалник, претходно изјави дека одредите на смртта се „фикција“.

На сослушувањето во понеделникот, тој ги минимизираше последните коментари на Дутерте, велејќи дека тие треба да се сфатат како шега.

Војната на Филипините против дрогата е под истрага и од Меѓународниот кривичен суд (МКС) за можни злосторства против човештвото.

Според полициските податоци, повеќе од 6.200 луѓе загинале во операциите против дрогата под власта на Дутерте, за време на кои полицијата вообичаено вели дека убивала осомничени во самоодбрана. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан