Фетаи се обрати на Глобалната конференција на ООН за мерење на корупцијата
- Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, се обрати на Глобалната конференција на ООН за користење на податоците во мерењето на корупцијата, која се одржува во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, се обрати на Глобалната конференција на ООН за користење на податоците во мерењето на корупцијата, која се одржува во седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
Како што информираат од кабинетот на Фетаи, настанот има за цел да ги обедини високите претставници на земјите-членки, меѓународни организации и експерти од областа.
Во своето обраќање, Фетаи истакна дека борбата против корупцијата бара пристап заснован на факти, јасни листи на ризици и постојана институционална будност. Потенцирајќи ја важноста на точните и доверливи податоци, тој нагласи дека „корупцијата не се бори со претпоставки, со интуиција или со повремени интервенции, туку со факти, со институционална будност и со непоколеблива посветеност на јавниот интерес“.
- Податоците не се само технички инструмент, туку и демократски инструмент кој ја зајакнува надзорната функција, ја насочува јавната дебата и го зацврстува општествениот договор меѓу државата и граѓанинот, истакна Фетаи.
Тој нагласи дека Република Северна Македонија останува посветена на зајакнувањето на институционалниот интегритет и усвојувањето на меѓународните стандарди за мерење на корупцијата, како дел од агендата за добро владеење и модернизацијата на јавната администрација.
Учество на владината делегација на оваа Конференција претставува значајна можност за размена на искуства и зајакнување на соработката со меѓународните партнери во заедничката борба против корупцијата и во изградбата на потранспарентни и поодржливи институции, се наведува во соопштението, се наведува во соопштението.свс/са/
Фото: Кабинет на заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење