Утре саемска промоција на романот „Луција“ од новинарката Лилјана Грџо Дамовска
- На штандот на книгоидателството „Сакам книги“, утре, од 18.30 часот, ќе биде промовиран романот „Луција“ од новинарката Лилјана Грџо Дамовска.
Скопје, 23 април 2026 (МИА) - На штандот на книгоидателството „Сакам книги“, утре, од 18.30 часот, ќе биде промовиран романот „Луција“ од новинарката Лилјана Грџо Дамовска.
Според издавачот, „Луција„ е интимен портрет на една жена: приказна за копнежот, храброста да се направи поинаков избор и нови животин почетоци. Ова е нејзина втора книга.

Лилјана Грџо Дамовска е дипломиран новинар, магистер по културолошки студии, колумнист, коментатор, која целиот работен и животен век го посвети на новинарството. Беше уредник во „Дневник“, главен уредник на магазинот „Теа модерна“, творец и главен уредник на „Леона магазин“, помошник на главниот уредник на весникот „Вечер“, уредник на додатоци и прилози. Нејзините колумни со наднаслов „Огледало“ беа критичко огледало на културни, социјални и општество-политички појави и настани, а се објавени во книгата „Светска женска“ (2015).
Автор е на стотици интервјуа со извонредно значајни личности од земјата и странство. Значаен поддржувач на културниот активизам, инициjатор на фестивали, здруженија, како и за воспоставување награди и признанија на заслужни уметници од разни области на културата. дма/вг/
Фото: Илустрација