Камерен концерт „Бетовен за пијано“ на Мариа Летиција Микиелон на Скопско лето
- Камерен концерт под наслов „Бетовен за пијано“ на Мариа Летиција Микиелон од Италија ќе се одржи вечерва во рамки на Скопско лето со почеток во 20:30 часот во Салон 19'19 (Културно информативен центар), соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Скопје, 25 јули 2026 (МИА) - Камерен концерт под наслов „Бетовен за пијано“ на Мариа Летиција Микиелон од Италија ќе се одржи вечерва во рамки на Скопско лето со почеток во 20:30 часот во Салон 19'19 (Културно информативен центар), соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
-Рецитал посветен на доцниот творечки период на Лудвиг ван Бетовен, во кој пијаното станува носител на длабока лична и музичка мисла. Програмата е обединета преку неговиот зрел композиторски израз, каде формата се проширува, а музичкиот јазик добива нова слобода и интензитет - се вели во најавата.
Сонатите, додаваат организаторите, откриваат внатрешен дијалог меѓу структурата и емоцијата, меѓу тишината и звукот.
-Летиција Микиелон пристапува кон овие дела со јасна интерпретативна линија и чувствителност, создавајќи целовито и силно музичко доживување - се истакнува во соопштението.
Настанот е во соработка со Фестивалот Модоарс.

Утре во рамки на Скопско на истата локација и исто така со почеток во 20:30 часот ќе се одржи камерен концерт - пијано рецитал насловен „Музички епилог низ вековите“ на Тоше Поп-Лазаров.
-„Музички епилог низ вековите“ претставува суптилно обликувано звучно патување низ емоциите и стиловите на романтизмот, во дијалог со современиот македонски музички израз. Преку делата на Шуберт, Шопен и Штраус, надополнети со „Пасторална свита“ од Стојан Стојков, рециталот отвора простор за интимно доживување на музиката како универзален јазик што ги поврзува времињата, чувствата и културите - се додава во најавата. ац/лв/
Фото: Дирекцијата за култура и уметност на Скопје