• вторник, 05 ноември 2024

Уставен суд нема да ја оценува уставноста на Законот за ратификација на Преспанскиот договор

Уставен суд нема да ја оценува уставноста на Законот за ратификација на Преспанскиот договор

Скопје, 21 септември 2023 (МИА) - Уставниот суд денеска едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите, познатa во јавноста како „Договорот од Преспа“ и ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој Закон.

- Уставниот суд денеска едногласно одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за ратификација на конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817(1993), и 848(1993) на Советот за безбедност на ОН за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу странките. Исто така, Судот одлучи да ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на Указот со кој е прогласен овој Закон и да ја отфрли иницијативата за оценување на законитоста на претходните два акти и нивната усогласеност со член 3 од Законот за склучување ратификација и извршување на меѓународни договори и Виенската конвенција за договорно право, информираше денеска претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска.

Таа рече дека Уставниот суд оценил дека Законот за ратификација на договорот е во согласност со Уставот, што значи останува дел од правниот поредок на државата. 

- За овој предмет беше спроведена темелна постапка, подготвителна седница и сеопфатна анализа на уставно судската пракса. Уставниот суд цени дека Указот не содржи правни норми. Не е пропис, тој е дел од процедурата и кога Уставниот суд укинува или поништува Закон, Указот не се укинува посебно, рече таа.

Како пример за ова го посочи веќе заземениот став на Судот во предметот во кој не беше поведена постапка за законот за Јавно обвинителство. Случај од мај годинва, во која Уставниот суд ја отфрли иницијативата со истото образложение за Указот, дека не претставува пропис.

Поголем дел од денешната дискусија во Уставен се водеше за непотпишувањето на указот од страна на претседателот на државава, своевремено Ѓорѓе Иванов, односно за неговата должност согласно членот 75 став 3 од Уставот да го потпише Указот. 

- Во поширок контекст во духот на Уставот и неговата примена, волјата на пратениците се персонифицира со волјата на граѓаните, наспроти волјата на само еден човек, бидејќи системот на владеењето на власта во нашата држава е парламентарна демократија, а не монархија. Суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните и Уставот и законите важат подеднакво за сите, па дури и за претседателот на Републиката кој согласно член 51, став 2 од Уставот е должен истите да ги почитува, нагласи Кацарска. 

Таа сподели и пример од уставно судската пракса на овој суд, од 1996 година, кога судот не поведе постапка за оценување на уставност на член 1 од Законот за ратификација на привремената спогодба помеѓу Македонија и Грција, склучена во Њујорк 1995 година. 

- Следен аспект кој подлежи на анализа во овој предмет е рокот на објавување на Указот. Можеби некој ќе рече дека во Уставот не е предвиден рок во кој тој требал да го потпише Указот, на повторно доставениот закон, но, сметам дека тука нема ништо проблематично. Имено, неспорно е дека претседателот треба да го потпише Указот во рок од седум дена кога првпат му се доставува законот чиј што рок е предвиден во членот 38 од Законот за Собрание на РСМ, а потоа тој е должен да го потпише. Меѓутоа, тој ја злоупотребил уставната недореченост каде што навистина не е пропишан рок за повторно доставување на Законот, односно потпишување на повторно доставен закон, рече таа.

Од друга страна, дополни, Републиката презела меѓународни обврски согласно договорот и иако на претседателот му бил оставен подолг период тој сепак не го потпишал указот, а указот е објавен без негов потпис, туку само со потпис на претседателот на Собранието на РСМ. 

- Треба да се цени и фактот дека овој договор се доставува и до организацијата на ОН и потпишан е и од посредник во својство на сведок, Метју Нимиц. Закон може да се прогласи само еднаш, а во конкретниот случај истиот е прогласен. Уставот ја остварил целта Законот е прогласен, рече таа.

Во врска со членот 110 од Уставот,  односно надлежноста на Уставниот Суд за меѓународните договори, Кацарска рече дека Судот нема надлежност да одлучува за согласност за меѓународните договори со Уставот. 

- Што значи дека нема услови за впуштање во анализа за основаноста на наводите од иницијативите кои се однесуваат на содржината на спогодбата, рече таа, дополнувајќи дека под претпоставка да се укине Законот, договорот сепак останува. 

Според Кацарска, Уставниот суд може единствено да цени дали Законот за ратификација е донесен во пропишана процедура и форма од страна на уставно овластено тело, а тоа е Собранието.  

- Судот не навлегува во содржината на меѓународниот договор дури да се укине или поништи законот за ратификација на договорот во конкретниот случај т.н. Преспански договор, а и секој останат меѓународен договор, истиот останува во сила и произведува меѓународна правна обврска за државата сѐ додека не се измени, раскине или поништи, но, согласно меѓународните правила за договорите меѓу државите, рече таа.  

Подносители на инцијативите за оценувањето на уставноста на горенаведените Закони се Тодор Петров, претседател на Светски Македонски Конгрес, Ивица Ефремов и Ангеловски Стив од Битола, Солза Грчева,Томе Тодоровски.

Со одредени наводи во иницијативите се тврди дека Указот за прогласување на Законот за ратификација на Конечната спогодба не е потпишан од претседателот на Република Македонија, што го прави тој акт спротивен со членот 51 од Уставот. Се тврди дека оспорените акти го нарушуваат владеењето на правото. Наведено е во дел од иницијативите дека претседателот на Собранието на Република Македонија немал надлежност да утврдува одговорност дека претседателот на Републиката го кршел Уставот со непотпишување и во дадената ситуација, претседателот на државата не бил спречен да ја врши функцијата, за да биде заменет од страна на претседателот на Собранието, односно да го потпише Указот, со што се наведува дека е повреден и членот 82 од Уставот. Бидејќи претседателот на Републиката не го потпишал Указот, се наведува дека оспорениот закон не важи и не може да произведува правно дејство, односно објавување на Законот без потпис на претседателот на Република Македонија е грубо кршење на Уставот. Во дел од иницијативите подносителите тврдат дека Спогодбата е ништовна бидејќи била во спротивност со меѓународното право на самоопределување на народите, правото на секој народ да избере свое име, идентитет, свои национални обележја, симболи и друго и во спротивност со Виенската конвенција за договорно право.

Во сите иницијативи се оспорува рокот на објавувањето на актите во Службен весник, како спротивен на Уставот. Во иницијативите подносителот наведува дека оспорените акти се неуставни бидејќи со нив е повреден членот 52 од Уставот,  кој утврдува дека законите и другите прописи се објавуваат во Службен весник на Република Северна Македонија „најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување”. ар/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан