• среда, 10 јули 2024

Унапредувањето на правата на жените и девојките води кон подобро општество, сметаат од Лидерската група за родова еднаквост

Унапредувањето на правата на жените и девојките води кон подобро општество, сметаат од Лидерската група за родова еднаквост

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) - Жените се недоволно застапени на високи раководни позиции во политиката и во бизнисот, како и на пазарот на труд и во одбраната и безбедноста. Само 38,3 проценти од вработените лица се жени, а 28,5 проценти од имотот во државата е во сопственост на жени. Од Лидерската група за родова еднаквост апелираат унапредувањето на правата на жените да биде приоритет во општеството. 

На денешниот настан, организиран од ХЕРА – Асоцијацијата за здравствена едукација, беше посочено дека е потребно зголемено политичко учество на жените, учество во јавната сфера на живеење и нивно економско зајакнување, со што ќе се придонесе за поправично општество кое ќе овозможи повеќе можности за развој и напредок на сите граѓани.

- Жените во македонското општество се соочуваат со значителни препреки во пристапот до пазарот на трудот и постигнувањето еднаква плата за иста работа. Неплатените обврски за грижа дополнително го попречуваат вклучувањето и унапредувањето на жените како дел од работната сила и со тоа ја пролонгираат и одржуваат нивната економска неповолност. Создавањето на национална иницијатива за родова еднаквост како структура што ќе промовира и лобира за политики кои во себе ја содржат родовата основа и ги штитат правата на жените и девојките е од огромно значење со цел да имаме напредок за целокупното општество, смета извршната директорка на ХЕРА Мила Царовска.
 

Според претставниците на ХЕРА, охрабрувачки е што интересот за членување во Лидерската група е голем и во неа има претставници од политички партии, академската заедница и културата, граѓанските организации, верските организации, медиумите и коморите.
 
- И покрај напорите на земјата со усвојувањето на Истанбулската конвенција и родово сензитивните закони, вклучително и оние кои се однесуваат на насилството врз жените, спроведувањето на законите во пракса и нивната реализација сè уште се недоволни, а родовите стереотипи, предрасуди и дискриминација се широко распространети, велат од ХЕРА.

Лидерската средба за родова еднаквост се организира во рамки на проектот „Заедно за родова еднаквост: Градење поддршка за родово инклузивни политики“, којшо го спроведува ХЕРА со поддршка од Британска амбасада Скопје. Целта на проектот е да воспостави и поддржи национална мрежа за родова еднаквост која ќе ги поткрепи и заштити правата на девојчињата и жените во Северна Македонија преку поттикнување дискусии и соработка на лидерската група за родова еднаквост и преку застапување и усвојување на родово засновани политики. бак/ац/

Фото: ХЕРА

Остани поврзан