• петок, 22 ноември 2024

Лорковски за МИА: Северна Македонија на средина на патот кон целосна енергетска интеграција со ЕУ, потребна е стратегија за декарбонизација

Лорковски за МИА: Северна Македонија на средина на патот кон целосна енергетска интеграција со ЕУ,  потребна е стратегија за декарбонизација

Скопје, 9 јули 2024 (МИА) – Северна Македонија е точно на средина на патот кон целосна енергетска интеграција со ЕУ. Наша силна страна е секторот на електричната енергија, но потребни се подобрувања на полето на гас и декарбонизација и тоа се два елемента, што бараат повеќе напори. Од Владата се очекува да достави до Секретаријатот стратегија до 2030 и да објасни која ќе биде стратегијата за декарбонизација, кој е капацитетот на обновливи извори, која е визијата за интеграција на регионалниот пазар, кои се идните производни капацитети базирани на јаглен. Ова се дел од пораките кои во интервјуто за МИА ги упати директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски. 

Од 1 јануари 2026 секоја емисија што е дел од електрична енергија, челик, стакло, цемент, алуминиум, водород што се извезува во ЕУ треба да биде предмет на јаглеродно оданочување. Доколку земјава сака да биде изземена од ова, ќе треба да направи пазарно спојување до крајот на 2025 година и како што истакна Лорковски Владата треба да се заложи дека ќе го воспостави механизмот за тргување со јаглерод во земјата до 2030 година. Ова, додаде директорот на Енергетската заедница, бара ажурирање на законодавството.

Во интервјуто за МИА тој издвојува четири главни лекции научени од енергетската криза во изминатите две години - најевтина е енергијата што не е употребена што значи дека треба да се стремиме кон енергетска ефикасност за да можеме да ја намалиме потрошувачката на струја, со сите можни средства, потоа да се инвестира во обновливи извори кои се покажале како ефикасен извор на енергија и дека треба да ги заштитиме ранливите потрошувачи. 

За тоа како да се избегне голем пад во електродистрибутивната мрежа во регионот, како тоа на 21 јуни годинава, издвојува три чекори кои биле разговарани на неформалниот министерски состанок на Енергетската заедница минатата недела во Бања Лука - поблиска соработка меѓу операторите на преносните системи, поголема интеграција на регионалниот пазар и развој на прекугранична инфраструктура. 

Прашан која е неговата визија за следните десет години и како државава најдобро би можела да се позиционира, Лорковски вели дека неговата визија е дека сите договорни страни на Енергетската заедница ќе станат членки на Европската Унија и дека Секретаријатот на Енергетската заедница, кој не подготвува за полноправно членство, повеќе нема да биде потребен.

За тоа до каде сме на патот на европска енергетска интеграција, Лорковски вели дека Северна Македонија е точно на средина - сме направиле половина од работата во напорите за приклучување кон Европската унија на полето на енергетика и клима, а пред нас останува другата половина што треба да се исполни. 

-Мислам дека ова е добра порака бидејќи напредувате, но има уште многу да се направи пред да станете членка на ЕУ. Вашата силна страна е електричната енергија и многу работи се случија во Северна Македонија во овој сектор, но потребни се подобрувања на полето на гас и декарбонизација и тоа се два елементи што бараат повеќе напори. Затоа и сум тука – да договориме работна програма со новата Влада и Парламентот за следните месеци и години за да се постигне овој напредок во иднина, вели Лорковски.

Енергетската заедница, појаснува Лорковски, нуди начин за забрзана интеграција во европскиот пазар на електрична енергија, дури и пред да стане полноправна членка, Северна Македонија и другите земји од регионот можат да станат дел од единствениот европски пазар за електрична енергија, со цел да профитирате од најголемиот и најопремениот пазар во светот. 

-За тоа да се случи треба да го усогласите законодавството и да овозможите исти услови за операторите на пазарот како оние во ЕУ. Откако ќе го направите ова, може да се приклучите на „пазарното спојување“ со ЕУ, односно форма на интеграција што им овозможува на вашите компании да бидат третирани на ист начин како и сите други компании од ЕУ. Ова бара ажурирање на законодавството, нацрт-законот е подготвен од претходната влада, но работата беше прекината поради изборите па сега е време да се забрза работата за што е можно побрзо вклучување во внатрешниот пазар на електрична енергија на ЕУ, изјави Лорковски.

За Лорковски, креирањето на ново министерство за енергетика претставува заложба за побрзо вклучување во пазарот на електрична енергија на ЕУ.

- Ова ми дава надеж дека процесот на забрзана работа е можен поради фактот што Владата би имала не само надлежен министер, туку и надлежна група на луѓе кои ќе работат на прашања поврзани со енергетика, нагласува Лорковски. 

Механизмот за прилагодување на јаглеродниот праг, директорот на Енергетската заедница нагласува дека е политика на ЕУ со која се поттикнуваат другите да ја следат климатската агендата на Унијата и не е политика што е наменета само за Северна Македонија или Западен Балкан, туку тоа е политика преку која се очекува од клучните трговски партнери на ЕУ како што се САД, Кина, земјите од Јужна Америка и Африка да го следат начинот на кој Унијата ги спроведува климатските политики. 

-Механизмот ќе почне да се применува од 1 јануари 2026 година и тоа значи дека секоја емисија што е дел од електрична енергија, челик, стакло, цемент, алуминиум, водород што се извезува во ЕУ треба да биде предмет на јаглеродно оданочување. Сепак, има еден исклучок за електричната енергија, доколку се исполнети два услови: првиот е дека пазарното спојување треба да биде завршено до крајот на 2025 година, со цел да се постигне највисока форма на интеграција на пазарот на електрична енергија до крајот на таа година и второ Владата да се заложи дека ќе го воспостави механизмот за тргување со јаглерод во земјата до 2030 година. Моментално работиме на динамизирање на работата за да се исполнат овие два услови, со цел да бидете изземени во секторот на електрична енергија, изјави Лорковски.

Појаснува дека сега се разговара за струјата што се извезува во Европската Унија, и како, по 2030 година, привремено да имаме ослободување од плаќање на овој данок за да може да продолжи извозот на струја, на пример од Северна Македонија во соседните земји-членки на ЕУ, на пример Грција, под истите услови. 

-Ако тоа не е можно, вашиот извоз во земјите-членки на Европската Унија, вашиот извоз на електрична енергија, ќе биде помалку конкурентен. Тоа секако би имало последици и за производителите на електрична енергија во Северна Македонија. Значи, сега не разговараме за тоа како да се оданочи потрошувачката на струја во земјава, појаснува Лорковски.

Доколку производството на цемент, струја, стакло, алуминиум...се базира на обновливи извори, нема да плаќате никаков данок, нагласува Лорковкси и додава дека данокот ќе се плаќа само на границата со Европската Унија, во случај кога производството се базира на јаглен и лигнит, технологијата и горивото што се користи не е чисто, не е еколошки.

Новинар: Александар Атанасов

Видео: Андреј Бранковиќ

Фото: Фросина Насковиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан