• вторник, 19 ноември 2024

Украина, Блискиот Исток, конкурентноста и миграцијата главни теми на октомврискиот Самит на ЕУ 

Украина, Блискиот Исток, конкурентноста и миграцијата главни теми на октомврискиот Самит на ЕУ 

Брисел, 17 октомври 2024 (МИА) - Руската агресија врз Украина, најновите случувања на Блискиот Исток, зајакнувањето на конкурентност на ЕУ и прашања поврзани со миграцијата ќе бидат главни теми на дводневната средба на шефовите на држави или влади на членките на Унијата, што ќе започне попладнево во Брисел. 

Самитот ќе започне со дебата за руската агресивна војна против Украина во сите нејзини димензии, вклучително и случувањата на фронтот и континуираната сеопфатна поддршка за Украина и нејзиниот народ. 

Во овој дел на средбата ќе присуствува и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој како што најави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во писмото-покана до лидерите на ЕУ, ќе го претстави неговиот „победнички план“ и со своите европски колеги ќе разговара за следните чекори за постигнување консензус околу мировната иницијатива. 

Целта е остварување на посветеноста на ЕУ за постигнување праведен и траен мир во Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право. 

 - Ние, исто така, ќе го зајакнеме фокусот на нашиот финансиски ангажман во Украина. Очекувам да ја исполниме нашата посветеност преземена во јуни, заедно со партнерите од Г7, да обезбедиме приближно 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари) до крајот на годината за поддршка на воените, буџетските и потребите за обнова на Украина, наведе Мишел во писмото.  

Според него, и покрај овие важни достигнувања, ЕУ треба да ја оцени и досегашната поддршка и да ги интензивира своите напори во пресрет на зимата, во услови кога е уништена над половина од енергетската инфраструктура на Украина. 

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска  ќе престојува во работна посета на Северна Македонија, каде ќе има средби со високи претставници на земјава, на кои се очекува да се разг

Во најавата за Самитот, Советот на ЕУ посочува дека за да и помогнат на Украина да се подготви за зимата, лидерите ќе разговараат за тоа како да го зајакнат енергетскиот сектор на Украина и нејзината критична инфраструктура. 

Во однос на воената поддршка, пак, лидерите на Унијата ќе го разгледаат напредокот во испораката на системи за противвоздушна одбрана, муниција и ракети, како и мерките за помош во рамките на Европскиот мировен фонд и билатералната помош од земјите членки. 

Тие, исто така, ќе разговараат за напредокот во користењето на вонредните приходи од замрзнатите руски средства за потребите на Украина. 

- ЕУ е подготвена да го зголеми притисокот врз Русија, вклучително и со обезбедување на целосно и ефективно спроведување на санкциите и преку дополнителни мерки за спречување на нивното заобиколување, посочува Европскиот совет. 

Лидерите на ЕУ ќе разговараат и за најновите случувања на Блискиот Исток, особено за критичната ескалација на насилството во регионот. 

- Ќе се фокусираме и на Блискиот Исток. Една година по бруталните терористички напади на Хамас врз израелскиот народ на 7 октомври, ситуацијата драматично ескалира. На терен, хуманитарната ссостојба се влошува, со неприфатливо страдање на невини цивили. Итниот прекин на огнот и ослободување на заложниците остануваат врвни приоритети, наведува Мишел во поканата.  

Ајман Мухајсен, на возраст од 29 години, е убиен во бегалски камп близу Витлеем

Според него, Европскиот совет мора цврсто да се заложи за деескалација на состојбата и да инсистира на почитување на меѓународното и хуманитарното право.  

- Неодамнешните напади врз мировниците на ОН во јужен Либан се неодговорни и неприфатливи. Мора да се заштити безбедноста на персоналот на ОН и на хуманитарните работници, потенцира Мишел, додавајќи дека лидерите ќе ја потврдат и силната поддршка на ЕУ за ОН и нивниот генерален секретар Антонио Гутереш. 

Во најавата на Советот се додава и дека ЕУ најостро го осудува нападот на Иран врз Израел и ги повикува сите страни да покажат најголема воздржаност и да го почитуваат меѓународното хуманитарно право.  

- ЕУ е целосно посветена на намалување на тензиите и придонесување за деескалација со цел да се избегне опасен регионален конфликт. Смртоносната ескалаторна спирала на Блискиот Исток мора да престане сега. Регионална војна не е во ничиј интерес, посочува Европскиот совет. 

Во овој контекст, лидерите на ЕУ ќе разговараат за итен прекин на огнот долж „Сината линијата“ на либанско-израелската граница со цел да се стави крај на сите прекугранични закани, за поддршката на државните институции на Либан и на либанските Вооружени сили, за итен прекин на огнот во Газа и за доставување на итна хуманитарна помош, како и за безусловно ослободување на сите заложници. 

- Се очекува лидерите да разговараат и за ескалацијата на Западниот Брег по последната воена операција, зголемувањето на насилството и проширувањето на илегалните (еврејски доселенички) населби, како и безбедносната ситуација во Црвеното Море. ЕУ е посветена на траен и одржлив мир врз основа на решението за две држави - Израел и независна, демократска, соседна, суверена и одржлива Палестина, се додава во соопштението. 

Либанските медиуми известуваат за големи израелски воздушни напади во јужен Либан, како и длабоко во земјата во долината Бекаа.

На агендата на европските лидери е и решеност на ЕУ да ги зајакне својата долгорочна конкурентност и економска отпорност и да ја подобри економската и социјалната благосостојба на граѓаните.  

- Наш цел е да го отвориме патот за успешно спроведување на амбициозниот договор за конкурентност, чии параметри беа дефинирани на нашиот Европски совет од април оваа година, нагласува Мишел. 

На вонредниот Самит на ЕУ одржана на 17 и 18 април годинава, европските лидерите се согласија дека е потребен нов договор за конкурентност и посочија неколку начини за негово постигнување, па во овој контекст, на денешната средба ќе биде направен преглед на постигнатиот напредок во подобрувањето на конкурентноста на Унијата, а ќе се дискутира и за извештаите на поранешните италијански премиери Енрико Лета и Марио Драги, „Многу повеќе од пазар“ и „Иднината на европската конкурентност“. 

- Како што е наведено во Стратешката агенда 2024-2029 година, лидерите на ЕУ идентификуваа неколку приоритети за да се намалат зависностите во стратешките сектори и да се направи Европа индустриски и технолошки помоќна, додава Советот. 

Лидерите на ЕУ ќе дискутираат и за миграцијата и ќе направат преглед за спроведувањето на сеопфатниот пристап кон миграцијата, договорен на вонредниот Самит на Унијата во февруари 2023 година.

Во овој контекст, тие ќе дебатираат за надворешното влијание врз миграцијата, зајакнувањето на контролата на надворешните граници на ЕУ, зголемување и забрзување на репатријацијата на илегалните мигранти и за борбата против инструментализацијата на мигрантите, трговијата со луѓе и криумчарењето. 

На социјалните мрежи денеска беа објавени десетина видео-снимки на кои се гледа како мигрантите се обидуваат да влезат во Полска

Според Мишел, лидерите ќе одржат стратешка размена на мислење и ќе имаат можност да се фокусираат на конкретни мерки за спречување на нерегуларната миграција. 

На дневен ред на Самитот се и специфичните препораки за секоја од земјите членки заокружување на циклусот во 2024 година, кои се очекува да бидат поддржани од европските лидери, како и подготовките за претстојните конференции на ОН за биолошка разновидност во колумбискиот град Кали, предвидена за од 21 октомври до 1 ноември и за климатските промени (КOП29) во азербејџанската престолнина Баку, закажана за од 11 до 22 ноември. 

Лидерите на ЕУ се очекува да се осврнат и на конкретни прашања од надворешната политика, пред се за случувањата во Грузија и Молдавија во пресрет на изборите на крајот од месецот, како и за настаните во Венецуела и Судан. 

- Одговорност на Европскиот совет, содржана во Договорите (на ЕУ), е да ги дефинира општите политички насоки и приоритети на Унијата и да го обликува нашиот колективен став за меѓународните односи. Уверен сум дека ќе ги одржиме нашите заеднички вредности и меѓународниот поредок заснован на правила, дополнително зајакнувајќи го влијанието на Европската Унија на глобалната сцена, додава Мишел во поканата до лидерите на ЕУ. 

Во пресрет на овој Самит на ЕУ, вчера во Брисел се одржа Првата средба на лидерите на земјите на Европската Унија и на Советот за соработка во Персискиот Залив (ГЦЦ), на која главни теми беа идната соработка во однос на заедничките клучни глобални предизвици, во сферата на економијата, трговијата, енергијата и инвестициите, во обезбедувањето одржливост и заштита на климата, како во меѓусебното поврзување и воспоставување контакти меѓу обичните граѓани на различни нивоа без службено мешање или насоки. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан