• петок, 22 ноември 2024

Тутунот се расадува, се предвидува добра производствена година

Тутунот се расадува, се предвидува добра производствена година

Прилеп, 26 мај 2024 (МИА) - Во ек е расадувањето на тутунот, а надлежните од државниот земјоделски инспекторат велат дека годинава е добра за производството на оваа стратешка култура. Со откупувачите тутунарите склучија околу 30 000 договори за производство на  26 500 тони тутун. Годинашнава реколта е многу слична со ланската, но условите се подобри.

-Станува збор за 1 до 2 проценти намалување што е многу незначително ако се земат предвид климатските услови оваа година кои се многу поповолни за тутунопроизводството во овој момент. Мислам дека нѐ очекува добра производствена година. Исплатливоста зависи од површината, од начинот на производство, од користењето на модерната технологија, вели Јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Тутунарите ги бараат измените во Законот за тутун за да бидат еднакви партнери со откупувачите, а не во подредена ситуација и да трпи исплатливоста на производството.

-Се направи работна група која имаше еден до два состаноци, но сметам дека треба да има уште неколку средби. Но ова е период на конституирање на новата влада. Ако засегнатите страни се договорат овој период за промена на одредени членови во законот за тутун, тоа може да се регулира со анекси на договорите, објаснува Станкоски.

Во земјава од тутунопроизводство егзистираат околу 20 000 семејства. ем/аа/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан