• вторник, 24 декември 2024

Три години од смртта на Кирил Ценевски

Три години од смртта на Кирил Ценевски
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) - Три години се навршуваат денеска од смртта на еден од најзначајните режисери во историјата на македонската кинематографија, Кирил Ценевски. Режисерот е познат по играните филмови „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“, но и серијата документарни филмови посветени на добитниците на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Ценевски е роден на 28 јануари 1943 година, во Крива Паланка. По завршувањето на гимназијата, студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје и паралелно се занимавал со киноаматеризам, што претставувало негово вистинско филмско училиште. Како што соопштија од Кинотека, Ценевски првпат на игран филм професионално е ангажиран во „Вардар филм“ – Скопје, како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот „Цената на градот“, од 1970 година, а веќе следната 1971 година Ценевски го режира дебитантскиот филм „Црно семе“, неговото најпознато остварување и без сомнение еден од најзначајните филмови во историјата на македонската кинематографија воопшто. За „Црно семе“, Ценевски добива повеќе награди на најзначајните фестивали во тогашна Југославија.

-После „Јад“, Ценевски се врти кон документарниот филм и по сценарио на поетот Анте Поповски, кој во тој период застанува на чело на „Вардар филм“, реализира серија портрети на венцоносците на Струшките вечери на поезијата. Филмот „Леополд Седар Сенгор“ е реализиран во 1975 година и претставува портрет на африканскиот државник и поет нобеловец, претседател на Република Сенегал – Леополд Седар Сенгор. Филмот е снимен во Сенегал, во главниот град Дакар и на бреговите на Атланскиот Океан, а разговорот со Сенгор во неговата резиденција го води поетот и дипломат Ацо Шопов, во тоа време југословенски амбасадор во Сенегал, соопштија од Кинотека.

Филмот „Еугенио Монтале“, е реализиран во 1976 година и вообичаено, го портретира венцоносецот, овој пат големиот италијански поет, исто така нобеловецот Еугенио Монтале.

Последниот филм од овој поетски серијал на Ценевски и Поповски, е филмот „Мостови – Струшки вечери на поезијата“, реализиран во 1982 година. Филмот е ретроспектива на неколку години од реномираниот поетски фестивал во Струга и во него се презентираат лауреатите на „Златниот венец“.

Во 1987 година Ценевски го реализира и своето последно остварување, документарниот филм „Хемтекс“, пропаганден филм за истоимената скопска фабрика, по што, повеќе од три децении влегува во своевидна самоизолација и разочаран од актуелните општествено-политички и културни состојби, одбива да работи на филм.

Во 2013 година Кинотеката на Македонија на Кирил Ценевски му го додели годишното признание „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а истата година Друштвото на филмските работници на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола му ја додели нововостановената награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Во 2019 година, Кинотеката на РС Македонија објави ДВД издание со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски: „Црно семе“, „Јад“, „Оловна бригада“ и „Јазол“, кое, во чест на тригодишнината од смртта на еден од најголемите македонски режисери, во просториите на Кинотеката, до крајот на месецов ќе може да се купи со попуст од 50 %, односно по цена од 500 денари.бт/лв/

Остани поврзан