Трипуновски од Кочани: Оваа година ќе имаме богата жетва и зголемен принос на ориз, наш приоритет како Влада е да го заштитиме домашното производство
- СООПШТЕНИЕ/ Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска присуствуваше на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ во с. Оризари, општина Кочани.
Скопје, 29 септември 2024
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска присуствуваше на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ во с. Оризари, општина Кочани.
„Денес се наоѓаме во Оризари, општина Кочани на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, со што започнува и жетвата на оваа култура. Ние како Министерство ја поддржуваме оваа манифестација се со цел да ја продолжиме традицијата и да го афирмираме постоењето на оваа битна житна култура за нас како држава“, истакна министерот Трипуновски.
„Се надевам дека ќе имаме успешна жетва и дека ќе имаме богат род и квалитетен ориз од реколта 2024 година“, посочи Трипуновски.
Во својата се изјава министерот се осврна и на тоа дали домашниот ориз ќе се откупува за стокови резерви при што посочи -„Веќе со заклучок на Влада задолжена е Агенцијата за стокови резерви да ги измени сите правилници, уредби и програми и нормално да се предвидат средства за 2025-та година каде што оризот согласно Законот за стокови резерви ќе се откупува за чување за потребите на државата“.
Тој додаде дека од разговорите со земјоделците првичните информации говорат дека ќе има зголемен род, богата жетва и согласно тоа квалитетот ќе биде добар.
„Првичните информации говорат дека и рандманот ќе е исто така висок, што значи дека ќе имаме богата жетва и ќе имаме зголемен принос на ориз. И квалитетот ќе биде многу подобар од претходните години“, истакна министерот Трипуновски.
„Согласно информациите кои што ги добив од Државниот земјоделски инспекторат во Република Македонија сериозна количина на увозен ориз нема, и онаа количина што е во минимални рамки, морам да кажам дека ја контролираме согласно квалитетот и безбедноста да биде запазена. Меѓутоа она што е наш приоритет како Влада е да работиме и работиме во интерес на земјоделците се со цел да го заштитиме домашното производство“, посочи тој.
Министерот укажа дека останатата количина на ориз од минатата реколта е во многу помала количина. И во разговор со компаниите веќе започнаа да го откупуваат и ланскиот ориз.
„Работиме земјоделците да имаат откупена количина на ориз по рентабилна цена која што ќе значи стимул за наредниот период да се произведува. Ние како Министерство и како Влада ќе го следиме процесот. Нормално ќе го следиме и во делот на откупот од страна на компаниите дали се почитуваат сите законски норми се со цел да нема злоупотреба и манипулација на трудот на земјоделците од овој регион“, нагласи Трипуновски.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
Фото: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.