• среда, 15 мај 2024

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ за Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Институциите мора да направат повеќе за лицата со попреченост

Трибина на ВМРО-ДПМНЕ за Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Институциите мора да направат повеќе за лицата со попреченост

Скопје, 3 декември 2023 (МИА) - По повод 3-ти декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ организира трибина на тема „Инклузивно образование во Република Македонија, состојби, предизвици и перспективи“ на која свое обраќање имаше претседателката на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска, како и членовите на Комисијата, Снежана Трпевска и Магдалена Петреска.

Претседателката на Комисија за образование на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска, се вели во партиското соопштение, изјави дека општеството треба да стане свесно за потребата од инклузијата на различностите, институциите да преземат обврска и да покажат поголем активизам за да може да се постигне некаква цел која навистина ќе им го подобри животот на овие луѓе.

Јаневска истакна дека за да се остварат правата на луѓето со попреченост треба да се остварат неколку услови меѓу кои достапност, образование, вработување и учество во социјални и културни настани.

- Еден од најважните елементи за овие луѓе е образованието и затоа денес го одбележуваме овој ден, затоа што образованието на овие луѓе треба да биде рано препознаено за да им се овозможи и прилагоди. Освен еднакви можности за образование, опфаќа и достапност, но и модифицирани материјали и услови за да можат да стекнат знаење, вештини компетенции. Покрај тоа треба да им се понудат индивидуални програми и трансфер од еден во друг степен на образование, рече Јаневска.

 Јаневска нагласи дека сепак, ништо од тоа не може да се направи ако нема доволно специјализирани луѓе и експерти од таа област кои се потребни да работат со овие лица.

-Мора да се зголеми видливоста за потребите на овие луѓе. Свесност, разбирање, волја, поддршка и борба и желба да направиме нешто добро во ова општество. Ова што е најважно е и поддршка на хероите родители на децата без оглед на која возраст се наоѓаат за да заедно со нив направиме посреќен ден на овие деца, изјави Јаневска.

Координаторка на работната група за ученици со посебни образовни потреби Трпевска истакна дека оние кои се директно вклучени во инклузивниот процес се наставниците, родителите и учениците.

-Од аспект на наставник, ние треба да го поставиме прашањето што наставникот може, како и што може, што прави и дали може тоа да го прави наставникот.  Колку наставникот е оспособен за сето ова. Затоа што многу често можеби наставниците стекнале компетенции за работа со деца со посебни потреби меѓутоа дали наставниците тие компетенции што ги стекнале може да ги применат и дали уште им требаат компетенции со кои што тие може да се стекнат за работа со децата со посебни потреби. Ние гледаме и слушаме со кои се проблеми се соочуваат родителите. Родителите поминувајќи низ лавиринтот наречен инклузивно образование со надеж дека ќе стигнат до целта која ја избрале тие се соочуваат со секакви притисоци. Родителите на тие деца се изложени на дополнителни финансиски трошоци, со соочуваат со секакви потешкотии и проблеми а секогаш се спремни да партиципираат во училиштето меѓутоа сето тоа за нив претставува еден голем предизвик, истакнала Трпевска, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Петреска, која што доаѓа од едно од најголемите училишта во земјава сподели колку во нејзиното училиште е развиен процесот на инклузија на лицата со попреченост.

Таа додаде дека во изминатите две години со голема помош и поддршка од Општина Аеродром и градоначалникот, училиштето станува едно од најинклузивните училишта во државата и дека во однос на опрема училиштето е опремено од се. Има пристапни рампи, тактилни патеки, внатрешни подвижни рампи, инклузивен лифт, инклузивен тоалет и со една општествена одговорна компанија, минатата учебна година е создадена и сензорната соба.

-Кога ќе видиме од една страна што е инклузијата на хартија и колку училиштата се подготвени, можеме да кажеме дека инклузивното образование навистина функционира, меѓутоа праксата, секојдневието покажува нешто сосема друго. Борбата допрва започнува. Сево ова е некаква подготовка на она што значи вистинска имплементација и на она што нарекува тотално инклузивно образование во основните училишта, рече Петреска. ра/аа/

Фото: ВМРО ДПМНЕ

Остани поврзан