• сабота, 23 ноември 2024

Тргната блокадата од лозари на патот Кавадарци - Неготино

Тргната блокадата од лозари на патот Кавадарци - Неготино

Кавадарци, 11 октомври 2023 (МИА) - Тргната е блокадата што незадоволни лозари денеска во десет часот ја поставија на патот Кавадарци - Неготино, кај месноста „Ило Виларов", барајќи подобри услови за лозаропроизводство. За нивните понатамошни чекори, дополнително ќе информираат. 

Тие рекоа дека преку мирен протест бараат да се слушне нивниот глас и да ја изразат својата разочараност, од, како што рекоа, лошата гроздоберска сезона. 

- Поради ниската откупна цена на винското грозје, берба 2023, бараме интервентна мерка од пет денари по килограм грозје помош од државата за откупеното грозје, продадено во винарија или откупен пункт. Исплата на субвенциите за одржување на лозов насад по старо, 40.000 денари до хектар и 48.000 денари над хектар. Прогласување на елементарна непогода од болеста пламеница, која беше предизвикана од постојаните врнежи на дожд во месеците мај и јуни, со што родот е намален за повеќе од 50 проценти, бараме обесштетување од државата, соопштија лозарите на протестот. 

Рекоа дека не се задоволни со цените за килограм грозје бидејќи тие не ги покривале ниту нивните производствени трошоци.  Тие додадоа дека само со подобри услови, ќе се задржи лозаропроизводството. 

На блокадата беше кажано дека се бара и повлекување на одлуката за задолжително осигурување на земјоделски култури, исплата на средствата за елементарна непогода од суша за 2021 година за лозарите и овоштарите и исплата на средствата за елементарна непогода од невреме град, во неготинскиот регион за 2022 година.

Во тек на блокадата се пропуштаа итните случаи, а другите возила се пренасочуваа да се движат преку Росоман. 

Во текот на денот, со свој став во врска со протестот, излезе и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

- Како министерство сите овие години во дело сме докажале дека сме искрен партнер на лозарите. Дека се грижиме и даваме поддршка за секој еден земјоделец. При бербата и откупот на грозјето, како и секоја година, така и оваа бевме во постојана комуникација и координација со потсекторската група за вино и грозје, следејќи ја бербата, откупот и цената по која се откупува, соопштија од Министерството. 

Оттаму потсетија дека оваа година поради климатските промени, честите дождови и појавата на болести, имаше послаб род кај лозарите. Тоа пак, од друга страна, рекоа дека придонесува, оваа година винариите да се борат за грозје, по цена која е прифатлива за лозарите.

- Како министерство и оваа година лозарите не ги оставаме сами. Уште при бербата, министерот Љупчо Николовски од Неготино ја најави  мерката за поддршка на сите лозари, која како предлог се дава до потсекторската група за вино и грозје, известија од Министерството. 

Со оваа мерка, додадоа, се дава поддршка на лозарите за произведено винско, но и за првпат, со поддршка и за произведено трпезно грозје од најмалку 12.000 денари по хектар. 

- Мерка која ја предлагаме дава двојно поголема поддршка од онаа која лозарите од протестот ја упатуваат како барање за 2 денари по килограм. Мерката која ја предлагаме за првпат ги опфаќа сите лозаропроизводители. Веднаш по завршување на бербата, добивајќи ги точните бројки, до Владата на усвојување ќе ја предложиме мерката. Заедно и овој предизвик ќе го поминеме, децидни се од Министерството. 

Оттаму соопштија дека лозарите до крајот на годината, покрај оваа допопнителна поддршка, добиваат и 12.000 денари, авансна исплата на 30 отсто од субвенциите за тековната 2023 година, а остатокот од 28.000 денари, традиционално како и секоја година за празникот Свети Трифун.

- Со новиот модел за субвенционорање, кој од оваа година старуваше, за лозарите нема услов за минимални количини на произведено и набрано грозје, па затоа сите лозари независно од тоа колкава количина грозје произвеле, ќе ги добијат преостанатите 28.000 денари со поднесена изјава. Оваа Влада и Министерство секогаш биле на страната на лозарите. Нашата грижа за секој еден земјоделец продолжува, истакнаа од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. свд/лв/

Фото : МИА 

Остани поврзан