Трајковски: Бронзениот медал од Светските игри во Ријад е извонреден успех
- Македонскиот каратист, член на клубот Макпетрол, Витомир Трајковски освои бронзен медал на Светските игри на боречки спортови во Саудиска Арабија. За Трајковски третото место е извонреден резултат и покрај амбицијата за највисок пласман.
Скопје, 24 октомври 2023 (МИА) – Македонскиот каратист, член на клубот Макпетрол, Витомир Трајковски освои бронзен медал на Светските игри на боречки спортови во Саудиска Арабија. За Трајковски третото место е извонреден резултат и покрај амбицијата за највисок пласман.
- Мојот пристап е пред секое натпреварување, да си поставам цел и визија што потоа тежнеам да ги остварам. Се мотивирам така што пред секој турнир се гледам себеси на првото место, со осовоен златен медал. На истиот начин постапив и за овие Светски боречки игри. Пред да заминам на моите тренери им реков дека ќе освојам прво место. Се вратив со бронза, но како резултат на одредени поени, борбата во полуфиналето многу лесно можеше да добие друга насока и повторно да станам финалист. И покрај тоа, освоеното трето место е извонреден успех, истакна Трајковски.
На „World Combat Games“ во Ријад учествуваа 1.700 спортисти од 80 држави. Тие се натпреваруваа во 16 боречки спортови.
Трајковски последните две години е прворангиран на Светската ранг листа според освоени рејтинг бодови.
- Првото место на светската ранг-листа на Светската карате федерација (WKF) е во тесна поврзаност со медалите што ги освоив на највисоко рангираните првенства, односно за тие пласмани добив бодови. Најважни се сребрениот медал на ланското Светско првенство во Коња, Турција во категорија -84 кг (У21), потоа бронзата на Европскиот шампионат годинава во Ларнака, Кипар, во категорија -84 кг (У21), како и третото место на Светската Премиер карате лига серија А, во Атина во сениорска конкуренција. Исто така, на Балканското првенство за сениори во Србија 2022 година освоив среберен медал во поединечна конкуренција (-84 кг), со тимот во екипна конкуренција на Балканското првенство годинава во Тирана се закитив со сребро, а злато донесов и од годинашнава Европска универзијада на боречки спортови во Загреб, посочи македонскиот каратист.
До успесите Трајковски стигна со голема поддршка од својот клуб Макпетрол, како и тренерите Бошко Заборски, Петар Заборски и Иван Тиосављевиќ. зс/