• понеделник, 23 декември 2024

Тодорова Сабота - празник кој во минатото масовно се одбележувал во Пијанец

Тодорова Сабота - празник кој во минатото масовно се одбележувал во Пијанец
Делчево, 12 март 2022 (МИА) - Тодорова Сабота е празник кој во Пијанечко-малешевскиот крај во минатото бил прославуван масовно и претставувал своевидна фолклорна смотра. За оваа традиција Ранка Трајановска вели дека се славела и како голем собор, со тапани, музика, ора, а повеќе луѓе на смотрата што се одржувала на пазариштето во Царево Село (Делчево) доаѓале од селата. -Јас сум од Разловци, кај нас исто така беше значаен овој празник,. Во петок невестите одеа на црква, погача ќе се месеше, невестата и свекрвата одеа на црква, на децата од краиштата се правеа „куклета“, така ги викаа. На овој ден кумовите многу се радуваа на кумашинчињата, а стари жени биле викани за песни. Се собираа невестите, свекрвите и деверите одеа и се поклонуваа. Потоа се играше оро, ороводецот напред, потоа другите, невестите даваа колачиња, погачите што беа за црква се носеа, задолжително за Тодоров Петок се носеше и пченка, вели Трајановска. Сепак поради тоа што во денешно време свадбите се реткост овој обичај како што додава Трајановска полека се заборава. -Во 10 години нема една свадба да се направи во нашето село, но онаму каде има млада невеста, задолжително се оди во црква, додава Трајановска. Тодорова Сабота е празник што се слави во првата сабота од велигденскиот пост. За значењето на овој ден потсетува и пензионираниот новинар Васил Маневски. -Жителите од околните села и подалечните населени места на тој ден ги посетувале домовите на своите роднини и пријатели. Гостите ги поздравувале домаќините со пригодни зборови и благослови за добро здравје, к'смет и бериќет. Вообичаена била фразата:  -Добар ден, да сте живи и здрави, полето да ви роди бериќет, во работата да имате касмет, Господ да ве чува од лошотија и да ви даде сермија“, вели Маневски. Ако во семејството имало моми или ергени познати фрази биле: „Ајде да се ќердосате, на свадба да ви играме„, а на младите брачни парови им пожелувале, : Ајде догодина Бог со челад да ве израдува. Домаќините одговарале, исто така со пригодни благослови и желби: - Се што поискахте на нас, Бог да ви даде и на вас, потоа ги почестувале со слатко, погача, ракија и посни колачиња. Во центарот на градот како што додава Маневски свиреле музички тајфи и поединци солисти со гајди, кеманиња, тапани, а соборјаните играле ора. Тој ден бил ретка прилика за младите да се дружат, да се запознаваат моми со ергени, а некои и да се „аресаат“ и да си ветат љубов и брак. -Според раскажувањата на мајка ми, таков бил примерот и со моите дедо Илија од Тработивиште и баба ми Деница од Драмче. Тие случајно на орото се сретнале и запознале и се  договориле идната година пак на Тодорова сабота да се сретнат. Така и се случило. Цела година мислеле еден на друг и мечтаеле за средбата во Царево Село. Дедо ми и предложил на баба ми да појде бегалка. Таа по многу колебање прифатила да му биде невеста и пешки поттрчнувајќи заминале за Тработивиште, додава Маневски. Тодорова сабота како празник во делчевскот крај имал долга традиција од времето на османлиите, српското и бугарското владеење. Во времето на Југославија биле правени обиди од комунистичката власт прославата да се забрани и укине, но традицијата и обичаите биле појаки од политиката, а празнувањето во видоизменета форма продолжило. -Сум бил учесник и сведок кога делчевските еснафи на тој ден делеа греана ракија, вино, пиво, па дури и ќебапчиња за  соборјаните. Од објективни, но и од субјективни причини, прославата на Тодорова сабота последниве години е запоставена, додава Маневски. За да се возобнови оваа традиција пензионираниот новинар вели дека е потребна добра организација во која би биле вклучени Општината, Црквата, културните институции, стопанственици и ентузијасти. вс/аа/

Остани поврзан