„Тиквешки лозароовоштари": Бараме измени на Законот за вино за уште пореални цени на грозјето
- Како што рече денеска претседателот на здружението Дане Јошев, сегашните цени се донекаде поволни и повисоки од лани, но целта на законските измени што се бараат, е лозарството да биде исплатливо и младите да не го напуштаат, заминувајќи во странство.
Кавадарци, 7 август 2024 (МИА) - Регионалното здружение „Тиквешки лозароовоштари" бара измени на Законот за вино за уште пореални цени на грозјето. Како што рече денеска претседателот на здружението Дане Јошев, сегашните цени се донекаде поволни и повисоки од лани, но целта на законските измени што се бараат, е лозарството да биде исплатливо и младите да не го напуштаат, заминувајќи во странство.
Вчера Институтот за лозарство ги објави производствените цени за килограм грозје од најзастапените вински сорти на грозје, вранецот и смедеревката.
-Бараме измени на Закон за вино за уште пореални цени за килограм грозје. Според Институтот, таа цена согласно трошоците и заработувачка за лозарите, изнесува 20,80 и 18,30 денари за килограм. Со измени во законот бараме поголем удел на лозарската заработувачка во вкупната цена за килограм грозје, за да биде лозарството исплатливо и младите да не го напуштаат и да не заминуваат во странство, појасни Јошев, кој потсети дека сегашните цени се донекаде поволни за нив и се повисоки од ланските, истакна Јошев.
Тој нагласи дека производителите и натаму инсистираат да има инспектори континуирано на откупните ваги, за да нема манипулации при откупот на грозјето и да се плаќа плус за грозјето со повеќе шеќерни единици. свд/мч/
Фото : МИА архива