• понеделник, 23 декември 2024

Тепачка во турскиот парламент поради повик за ослободување на затворен опозициски пратеник

Тепачка во турскиот парламент поради повик за ослободување на затворен опозициски пратеник

Анкара, 16 август 2024 (МИА) - Во турскиот Парламент денеска изби тепачка откако еден опозициски пратеник беше нападнат откако го спомна својот колега, Кан Аталај, кој е затворен поради обвиненија за финансирање на антивладини протести и кој подоцна беше избран за пратеник,и повика тој да биде примeн во парламентот.

На видео снимката се гледаат пратеници од владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) како трчаат да го нападнат пратеникот Ахмет Шик додека зборуваше, додека уште десетици други се приклучуваат на тепачката. Некои пратеници се обидуваат да ја смират ситуацијата.

Кан Аталај беше осуден во 2022 година на 18 години затвор поради наводно организирање на протестите во паркот Гези во 2013 година заедно со Осман Кавала и уште шестмина други. Сите обвинети ги отфрлија обвиненијата.

И покрај затворската казна, Аталај во мај минатата година беше избран за пратеник од Работничката партија на Турција (ТИП). Парламентот првично му го одзеде местото, но на 1 август Уставниот суд го прогласи неговото исклучување за неважечко.

„Не сме изненадени што Кан Аталај го нарекувате терорист, исто како што тоа го правите со сите кои не се на ваша страна. Но најголемите терористи се оние кои седат на овие места“, изјави Шик обраќајќи се кон пратениците од АКП. Заменик-претседателот на парламентот објави пауза од 45 минути по тепачката.

ТИП исто така повика на ослободување на Аталај од затвор.

Во јуни, пратениците на АКП се судрија со пратениците на прокурдската Демократска партија на народите (ДЕМ) поради притворањето и смената на градоначалниците од нивните редови на југот на Турција поради наводни врски со милитантите. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан