• среда, 15 мај 2024

СЏФ: Соло рецитал на Џејсон Моран, настап на Џоел Рос и перформанс на „Rite“

СЏФ: Соло рецитал на Џејсон Моран, настап на Џоел Рос и перформанс на „Rite“

Скопје, 21 октомври 2023 (МИА) - Соло рецитал на џез пијанистот Џејсон Моран, настап на „американското чудо“ Џоел Рос и перформанс на „Rite“, ќе понуди третата вечер на Скопскиот џез фестивал (СЏФ).

Моране познат, реномиран и исклучително талентиран џез уметник, со извонредна интелигенција, духовит пристап и истражувачки сензибилитет. Последното гостување на овој брилијантен пијанист на Скопскиот џез фестивал беше во 2008 година, кога се претстави со своето оригинално трио Bandwagon. На годинешното фестивалско издание имаме прилика да го доживееме соло и да уживаме во интимниот пијано перформанс на еден од најпровокативните мислители на модерниот џез.

Вториот концерт во Националната опера и балет е резервиран за американското чудо од музичар Џоел Рос кој, иако млад, веќе е прогласен за најдобар џез вибрафонист во светот и наследник на легендарните Милт Џексон и Гери Бартон. Во текот на изминатите неколку години, тој се истакна како еден од клучните протагонисти на новата генерација американски џез музичари, градејќи сè побројна и попосветена публика. Познат е по своите извонредни технички вештини и виртуозност, но и по искрениот и автентичен пристап кон музиката. Искреноста е константа во неговите сетови. И со секое ново издание, тој ја реафирмира посветеноста на автентичниот дискурс. Joel Ross Good Vibes е бенд што умее да ја освои и поведе публиката на едно истражувачко музичко патување.

Во полноќната саботна програма во МКЦ ќе имаме прилика да уживаме во уникатниот перформанс на тандемот „Rite“, составен од Зое Пиа и Матс Густафсон. Зое Пиа е италијанска кларинетистка, композиторка, музички ентузијаст и истражувач од Сардинија, а Матс Густафсон е познат шведски саксофонист, импровизатор, композитор и херој на скандинавската фри-џез сцена. Заедно најавуваат патување низ досега неистражени аудио предели и подлабоко проникнување во богатите култури на традиционалната музика и новите креативни јазици на експерименталната музика.

Според СЏФ, третата фестивалска вечер е посветена на големите имиња на џезот, но и на солидарноста со бегалците. Скопскиот џез фестивал, во соработка со УНХЦР, веќе петта година го негува проектот „Џез за солидарност со бегалците“, упатувајќи уште еден гласен апел за престанок на сите вооружени непријателства, насилство, прогон и кршење на човековите права, како  и емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените... мч/дма/

Остани поврзан