• четврток, 25 април 2024

Сѐ е подготвено за почетокот на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Сѐ е подготвено за почетокот на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Прилеп, 31 мај 2023 (МИА) - Под мотото „Враќање дома“ на 9 јуни на платото пред прилепскиот Дом на културата „Марко Цепенков“ ќе биде отворен 57 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински. Од 20:30 часот со видеоесеи, ќе им биде оддадена почит на лауреатите на наградата за животно дело Петар Темелковски и Петар Мирчевски. Првата од десетте претстави во конкуренцијата која ќе го отвори Фестивалот е претставата на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата е на отворањето од 21:30 часот и е наместо најавената и предходно серлектирана претстава „Инферно“. Театарот од Велес се реши на промената поради технички причини.

Претходно, во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле.

Освен десетте претстави во официјалната програма, фестивалот од 9 до 16 јуни ќе понуди и пет во независната, тркалезни маси, програма за деца, автор во фокус

И Македонскиот народен театар има промена на претходно селектираната претстава во официјалната конкуренција. Селекторката Ана Стојаноска ја избра претставата „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, но учеството е откажано.

-Иако имаше предлози овие две претстави да се играат на нивните матични сцени, сепак, како Собрание на фестивалот одлучивме дека МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува во Прилеп и дека не е во ред да носиме публика од градот за некои претстави да се изведат на матичните сцени. Ова нека биде и вид апел за сите да работиме повеќе на подобрувањето на техничките можности на сцените во Прилеп, вели Стојаноска.

По одлука на Собранието на фестивалот, од истата причина, и Албанскиот театар, наместо со селектираната „Три сестри“, ќе учествува во официјалната програма со „Балкан“ во режија на Арбен Кумбаро.

Во официјалната програма на фестивалот  се претставите: „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, а во продукција на Драмски театар од Скопје; „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, во изведба на прилепскиот народен театар, „Мy name is Medeјa“ според Еврипид, во режија на Себастијан Хорват на битолскиот театар, „Балкон“ од Жан Жене, во режија на Арбен Кумбаро, во продукција на Албански театар, „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска на охридскиот народен театар – Охрид, Театарот за деца и младинци ќе ја изведе „Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, театар комедија во официјалната програма е со претставата „Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, претставата „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски е на струмичкиот театар  Народен театар „Антон Панов“ – Струмица и претставата на Турски театар „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу.

Од независната продукција со претстави на домашни автори, на фестивалот ќе бидат: „Елегија во пет здива“, автор и режисер Филип Петковски, „Заминувања“ е одф колективно авторство во режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна акција, „Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, драматизација Ева Камчевска, Продукција на „Тииит! Инк, „Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа во режија на Милош Б. Андоновски и претставата „Под.готвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, во режија на Дејан Спасовиќ, а во продукција на „РКЦ РАКАТРАК“.

Програмата на Фестивалот ќе започнува секој ден во 10 часот со „Чернодрински за деца“. Напладне ќе се организираат разговори на тркалезната маса, на кои ќе се дискутира за претставите на програмата од претходниот ден. Секој ден од 17 часот на неколку локации низ градот ќе бидат поставени фестивалски зони во кои членови на групата „Театроск“ ќе постават свои живи статуи, додека студенти од Факултетот за драмски уметности од Скопје ќе бидат скомрах и ќе презентираат кратки патувачки етиди. На 13 јуни ќе се одржи и меѓународна конференција на тема „Македонскиот театар низ визурата на македонската јавност“.

Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свеченото доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, а во режија на Александар Поповски.ем/

Фото: МТФ „Војдан Чернодрински“

Остани поврзан