• сабота, 23 ноември 2024

Судијката Билјана Иванова времено упатена за вршител на должност претседател на Основен суд Берово

Судијката Билјана Иванова времено упатена за вршител на должност претседател на Основен суд Берово

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Судскиот Совет на Република Северна Македонија денеска донесе одлука судијката Билјана Иванова од Основен суд Струмица да биде времено упатена како вршител на должност претседател на Основен суд Берово.

Беа донесени и одлуки за престанок на повеќе судии поротници на Основен суд Струга поради истек на мандатот, а беа и избрани нови судии поротници во судот во Струга.

На денешната седница беше разгледан и Извештајот на Комисијата за рангирање на кандидатите за избор на десет судии во Апелационен суд Скопје при што Советот донесе одлуки дека се неспорни пријавите на судиите Бетим Јахја, судија на Основен суд Тетово, Бранка Наумоска, судија на Основен кривичен суд Скопје, Александра Поп Стефанија, судија на Основен суд Охрид и Јана Нацевска, судија на Основен граѓански суд Скопје.

Советот донесе одлука постапката за овие четворица судии да продолжи, а комисијата понатаму да ја спроведе постапката.

На денешната седница, Советот го измени и Упатството за начинот на пресметување на ефективни работни часови во член 5 став 9. 

По паузата Советот треба да расправа по претставките и поплаките од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите како и да одлучува по Известување oд Комисија за утврдена фактичка состојба по поднесено барање за утврдување одговорност на судија и да формира комисии на известители по поднесените барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судија/претседател на суд.

На крајот од денешниот дневен ред е точката разно. ар/аа/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан