• недела, 22 декември 2024

Студенти на Бреинстер создаваат апликација „Breathe.mk“ за пријавување при загадување на воздухот во Скопје

Студенти на Бреинстер создаваат апликација „Breathe.mk“ за пријавување при загадување на воздухот во Скопје

Скопје, 28 октомври 2023 (МИА) - Студенти на македонската едукативно-технолошка организација Бреинстер и првиот практичен ИТ- факултет Бреинстер Некст колеџ, викендов ја создаваат апликацијата „Breathe.mk“, за пријавување при загадување на воздухот во Скопје.

Во соработка со стартапот „Мој Воздух“ се креира платформа која во иднина ќе ја користат граѓаните. Апликацијата ќе овозможи следење и пријавување на загаден на воздух, по што на терен ќе излезат инспектори за животна средина од Град Скопје.

Врз основа на победничкото решение од првиот Air Care хакатон, кој се одржа на почетокот на октомври, повеќе од 150 студенти сега ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности.

На овој хакатон учествуваат студенти од пет академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing и Проект и продукт менаџмент, како и студентите од програмата за Софтверско инженерство и иновации од Бреинстер Некст колеџ. 

Генералниот менаџер на Бреинстер Некст колеџот и директор за човечки ресурси во Бреинстер, Александар Клашниновски, истакна дека оваа организација верува во инвестирање во дигитални решенија и апликации што ќе прават добро за заедницата. Студентите ќе работат на дигитално решение, кое се надеваме дека ќе помогне во намалување на загадувањето на воздухот, вели Клашниновски, како еден од најгорливите проблеми во секојдневното живеење.

Иницијаторот на „Breathe.mk“, Алекс Долстра вели дека она што навистина ја издвојува оваа апликација е визијата за автоматизиран систем, кој може точно да ја одреди најслабата алка. Со „Breathe.mk“, вели Долстра, повеќе нема да бидеме пасивни набљудувачи, туку сведоци што ќе бараат одговорност од нашите институции.

-Ќе видиме дали нивните заложби за борба против загадувањето на воздухот се само празни ветувања или конечно ќе се претворат во смислени дела, вели Долстра.

Преку апликацијата, корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот. 

Пријавите ќе стигаат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.

-Сите граѓани се засегнати од проблемот на загадувањето. Затоа, секоја промена и иницијатива треба да тргне пред сѐ од секој од нас, да придонесеме да се намали загадувањето на воздухот, рече заменик-градоначалникот на Град Скопје, Александар Трајановски. 

По иницијатива на Долстра, Град Скопје минатата година почна со поставување на густа мрежа со сензор, па од почетните 40, сега има иоколу 200 сензори, кои ќе бидат во функција на попрецизно лоцирање на загадувањето. ра/нд/

Фото: Бреинстер

Остани поврзан