• петок, 22 ноември 2024

Стојаноски: Власта ги одби предлог решенијата на ВМРО-ДПМНЕ за справување со кризата

Стојаноски: Власта ги одби предлог решенијата на ВМРО-ДПМНЕ за справување со кризата
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - По двоиполчасовно доцнење на денешната 91. пленарна седница, колегите од владејачката коалиција не гласаа за дневниот ред и ги одбија нашите предлог-законски решенија кои се дел од пакетот мерки на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за справување со кризата. Ова се наши законски решенија со кои навистина ќе се помогнеше на граѓаните и стопанството во време на инфлација, на тешка економска, социјална и енергетска криза која што владее веќе подолг период. Ова денеска го изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој истакна дека пратеници од мнозинството денеска повторно го одбиле нивниот предлог за зголемување на средствата за субвенциониран оброк за студентите од 120 на 160 денари. - Колегите од власта, денес го одбија нашиот Предлог-закон за директна помош за граѓаните преку поврат на дел од ДДВ-то, односно популарно наречен „Викенд без ДДВ“. За нас како пратеничка група е тотално нејасно зошто ова е неприфатливо за мнозинството, иако и самите знаат дека е одличен предлог за колку-толку да се ублажат последиците од кризата во која што тие не доведоа. Пратениците од мнозинството денес одбија и не го прифатија и нашиот Предлог-закон за акцизите со кој што веднаш и драстично ќе се намалат високите цени на горивата. Одбивајќи го овој предлог, тие директно удираат врз џебот и семејниот буџет на граѓаните, изјави Стојаноски во прес-салата на Собранието. Четвртиот Предлог-закон кој нозинството денес го одби, како што рече тој, е Законот за личен доход, односно одложување на прогресивното оданочување за кое што ние велиме дека воопшто не е време. Според Стојаноски, власта место да им помогне на граѓаните и стопанството, одбива да ги слушнат потребите, барањата и проблемите на граѓаните. - Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата упатува силна порака до власта дека нема да отстапи од заложбите и борбата за подобар живот за сите граѓани и дека ќе продолжи да предлага законски решенија кои ќе значат олеснување на граѓаните во секојдневната борба со проблемите, рече Стојаноски. мд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан