• четврток, 26 декември 2024

,,Стоп за насилство", изложба на ликовни дела во Кавадарци

,,Стоп за насилство

Кавадарци, 4 декември 2024 (МИА) - „Стоп за насилство", е насловена изложбата на ликовни дела и ракотворби што денеска беше отворена во Музеј галеријата во Кавадарци. Настанот беше во организација на Комисијата за еднакви можности при Општината, во соработка со музејот и здружението за родова еднаквост „Визија", а во рамки на кампањата 16 дена активизам против родово базирано насилство.

- Преку оваа изложба, ние ги поттикнуваме сите да го запрат насилството и да изградат свет во кој жените и девојките ќе живеат без страв, беше посочено на изложбата. 

Дел од делата ќе бидат донирани во Интервентниот центар за жртви на семејно насилство на Општина Кавадарци, со кој раководи ЗРЕ „Визија".

-Денес сме собрани за да сведочиме за моќта на уметноста која го буди нашето сознание и ни помага да се соочиме со еден од најголемите проблеми на нашето општество-родово базирано насилство. Изложбата ја нареков „Гласови против насилството" и е повеќе од обична изложба. Таа е крик за помош, апел за промена и сведоштво за човековата креативност која служи во борбата против насилството. Секое дело пред вас е уникатен глас кој на свој начин ја осудува секоја форма на насилство врз жените и девојчињата, рече Марија Камчева, координатор за еднакви можности при Општината.

Таа нагласи дека уметноста има моќ да го отслика насилството, да го разобличи и да го претвори во алатка за емпатија и ослободување. Кога говориме за родово базирано насилство, додаде таа, уметноста станува алатка за промена. 

- Насилството, особено родово базираното насилство, често е молчаливо, скриено. Но уметноста има способност да ја разбие тишината, да ги открие непријатните вистини и да поттикне промена, истакна Камчева. 

Претседателката на ,,Визија", Благица Коцева Тодорова, релче дека оваа изложба е многу важна и посветена на еден од најголемите општествени проблеми на нашето време, семејното и родово базирано насилство. 

- Оваа изложба не е само уметничка, туку и хуманистичка иницијатива, што има за цел да ги отвори очите, да ги слушне и да ја чувствува болката на оние кои трпат, но и да ги покаже нашите заеднички сили и решителност во борбата против насилството, подвлече таа. 

Притоа потсети дека семејното и родовото насилство е реалност која ја живеат милиони луѓе низ целиот свет, без оглед на возраст, социоекономски статус, етничка припадност или религија.

- Жените, децата но и мажите и сите останати лица од ранливи категории, често се жртви на насилство во нивните домови, каде што би требало да се чувствуваат најсигурни. Ова насилство има огромни физички, емоционални и психолошки последици врз жртвите, а истовремено ја разрушува и самата основа на нашето општество, нагласи Коцева Тодорова. 

Од настанот беше упатен апел, да се делува, за да се создаде општество, во кое ќе нема место за насилството. 

Задоволство од настанот изрази и директорот на музејот, Јаким Зимоски. свд/сст/


Фото : МИА 

 

 

 

 

Остани поврзан