• сабота, 02 ноември 2024

Стопанската комора сака средба со синдикатите за „недела неработен ден“

Стопанската комора сака средба со синдикатите за „недела неработен ден“

Скопје, 23 јули 2024 (МИА) - Стопанската комора сака средба со синдикатите на која ќе ги соочи аргументите за „недела неработен ден“. Како што рече денеска претседателот на Комората, Бранко Азески, секој закон од системски карактер треба да се анализира по шест месеци или една година, за да се види дали треба да се корегира или сосема да се менува. 

Комората останува на ставот дека не треба да се носат ад-хок решенија, без да се види како тие ќе влијаат врз работењето на фирмите.

-Баш би сакал да се видам со синдикатите, бидејќи не се дојдени тука. Мислам дека е време да седнеме и со нив да поразговараме. Ние за тоа имаме свои аргументи. Не ги криеме аргументите, ги изнесовме јасно. Тоа беше и на Уставен суд. Значи, ние зборуваме дека за секој закон од системски карактер по шест месеци или година дена, треба анализа која ќе покаже што треба да се корегира или сосема да се менува. Јас тврдам дека анализа за овие закони за кои зборувам не е направена, а тие директно „брцаат“ во џебот на бизнисот, наместо да ги регулираат односите меѓу нас, напомена Азески, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со министерката за образование Весна Јаневска.

Тој претходно укажа дека е неопходно да се разрешат сите прашања кои му создаваат проблем во работењето на бизнисот. Притоа ги посочи законите за извршување, парафискалните давачки, холдингот, регулаторната гилотиња, „недела неработен ден“, како и прашањата врзани за многуте неработни денови. мч/нд/

фото/видео: МИА

Остани поврзан