• сабота, 16 ноември 2024

Стано: Цел на дијалогот Белград-Приштина е нормализација на меѓусебните односи

Стано: Цел на дијалогот Белград-Приштина е нормализација на меѓусебните односи

Брисел, 1 јули 2024 (МИА) – Предмет на дијалогот меѓу Белград и Приштина, чија нова рунда ќе се одржи утре во Брисел, е нормализација на меѓусебните односи и задача на ЕУ како олеснувач е да им помогне на двете страни да го постигнат тоа, изјави денеска главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано. 

- Признавањето не е дел од дијалогот, но секако логичен резултат од нормализацијата би било признавање. Но, тоа е за многу понатаму во процесот, истакна Стано во одговор на новинарско прашање дали целта на дијалогот е признавање на Косово од страна на преостанатите членки на ЕУ што се уште не ја признале неговата независност, како и меѓусебно признавање на Белград и Приштина.  

Според Стано, петте земји членки од ЕУ што не го признаваат Косово ќе ја донесат својата одлука за признавањето врз основа на нивната проценка за неопходноста и релевантност, но дека тоа не е прашање што би се решило во рамки на дијалогот олеснуван од Унијата. 

- Да повторам, цел е нормализација на односите, но дефиницијата на таа нормализација на крајот кога ќе дојдеме до тоа или поточно кога двете страни ќе дојдат до тоа со наша помош, ќе ја донесат самите тие - што подразбираат под нормализација и кои ќе бидат резултатите од нормализацијата. Но, да повторам уште еднаш, мандат на ЕУ во дијалогот е да им помогне на Косово и Србија да ги нормализираат односите и тоа и го правиме, додаде Стано. 

Тој потврди дека како и што најави и високиот претставник за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел мината среда по средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, утре ќе се одржи нов состанок во рамки на дијалогот Белград-Приштина на ниво на главни преговарачи.  

- Приоритетот на средбата, односно дневниот ред, е одреден од главната итност – почеток на имплементацијата на договорот за патот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија, додаде Стано. сп/ 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан