• недела, 22 декември 2024

Средба на Џафери со претседателката на ЕБОР: Повеќедецениската соработка меѓу Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој е од големо значење

Средба на Џафери со претседателката на ЕБОР: Повеќедецениската соработка меѓу Северна Македонија и Европската банка за обнова и развој е од големо значење

Скопје, 26 февруари 2024 (МИА) - На маргините на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, што се одржува во Лондон, премиерот Талат Џафери остварил билатерална средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено-Басо, на која било изразено меѓусебно задоволство за повеќедецениската соработка и поддршка која Северна Македонија ја добива од Банката.

Како што соопшти владината прес-служба, претседателката Рено-Басо му го честитала изборот на премиерот Џафери за технички премиер и изразила очекување дека одличната соработка на ЕБОР со Владата на Северна Македонија ќе продолжи и во иднина под негово водство. 

Воедно, изразила благодарност за брзото заокружување на процесот на ратификација на амандманите на Договорот за основање на Банката, истакнувајќи ја Северна Македонија како најефикасна земја на тој план, што од ЕБОР високо се цени.

Џафери истакнал дека, Владата на Северна Македонија особено ја цени поддршката на ЕБОР, како во јавниот сектор, така и онаа за развој нa приватниот сектор и домашното стопанство. Воедно, ја потврди целосната посветеност на Владата на имплементација на тековното портфолио на проекти, како и на подготовка на идни проекти кои би се финансирале од банката. 

Тој ја акцентирал значајноста и видливоста на поддршката на ЕБОР во транспортниот сектор преку која Владата обезбедува подобри услови за граѓаните во патниот и железничкиот сообраќај.

На средбата, соговорниците разговарале и за исклучително значајната поддршка во полето на животната средина преку Регионалниот проект за цврст отпад, како и за изградбата на Пречистителна станица за отпадни води во Скопје. Во истата област се вклучени и проектите за забрзана транзиција од јаглен, како и проектот за регионална гасификација, стои во владиното соопштение.

Во тој контекст, Џафери искажал лична благодарност, затоа што тоа претставува значаен и активен двигател на современите реформски процеси и програмски определби, преку обезбедување на силна финансиска и советодавна поддршка во сите области, обезбедувајќи просперитет на граѓаните на Северна Македонија. нд/вј/

Фото: Влада

Остани поврзан