• четврток, 11 јули 2024

Средба на министерката Божиновска со претставници на Македонската асоцијација за обновливи извори на енергија

Средба на министерката Божиновска со претставници на Македонската асоцијација за обновливи извори на енергија

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска имаше работна средба со претставниците на МАРЕС – Македонската асоцијација за обновливи извори на енергија, организација во која членуваат, како домашни, така и странски субјекти кои се активни во доменот на обновливите извори, соопшти нејзиниот кабинет.

Божиновска ги запозна соговорниците со приоритетите на новото Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и во таа прилика потенцираше дека очекува да се воспостави значајна соработка со асоцијацијата, имајќи ги предвид стратешките цели за зелена транзиција и декарбонизација на државата во наредните години. 

Притоа, ја подвлече важноста од постојано зголемување на уделот на таканаречената зелена енергија во севкупното производство и потрошувачка на енергија кај нас, истакнувајќи дека инвестициите во оваа сфера се навистина важни, но дека не помалку важен е и фактот дека натамошниот развој мора да се одвива паралелно со модернизацијата на електроенергетската мрежа и зголемувањето на капацитетите за складирање на енергијата добиена од обновливите извори.

Во овој контекст, министерката истакна дека во делот на капацитетите за складирање изминатите години не е напреван некаков позначаен исчекор и упати повик до претставниците на МАРЕС да се размислува и активно делува во таа насока во идниот период, а со цел да се обезбеди максимална полза од искористувањето на енергијата од обновливи извори.

На средбата стана збор и за плановите за енергетска транзиција на државата, при што заеднички е констатирано дека водењето грижа за праведната транзиција нема да предизвика шокови за економијата и населението, туку напротив, ќе обезбеди одржливи и долгорочни решенија од кои полза ќе имаат сите чинители во сферата на енергетиката во нашата држава.

Претставниците на МАРЕС ја запознаа министерката со активностите кои ги презема оваа асоцијација и го истакнаа задоволството што после многу години, се формира соодветно министерство за енергетика рударство и минерални суровини, преку кое ќе може да се адресираат сите прашања од наведените сфери и истите парнтерски да се решаваат во интерес пред се, на граѓаните на нашата, но и сите засегнати страни. Меѓу другото, беше разговарано дека МАРЕС ќе изготви предлози од нивна страна и ќе ги достави до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.са/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан