• сабота, 21 декември 2024

Села: Уставни измени се единствено решение за европска иднина на земјава

Села: Уставни измени се единствено решение за европска иднина на земјава

Скопје, 11 јули 2024 (МИА) - Како причина зошто се приклучил кон коалицијата Европски фронт Зијадин Села од Алијанса за Албанците го наведува тоа што навреме не ги добиле печатите на партијата за да одат на избори со независни листи за пратеници. 

-Уште ден денеска не е одлучено за тоа. Во таква ситуација каква што бевме, ние или не требаше да учествуваме на парламентарните избори или требаше да се припоиме кон некоја коалиција, рече Села во вечерашното гостување во Само Интервју на Канал 5.

Според него, коалицијата Европски фронт ја избрале поради залагањата за европска иднина на земјава, на што, како што нагласи, укажува и самото нејзино име.

-Во тој фронт ние се договоривме во првите 100 дена да има уставни измени и што побргу земјава да стане членка на ЕУ. Може да се достигнат политички цели кога условуваш формирање на влада со уставни измени, истакна тој.

Села смета дека веќе не станува збор за спор Северна Македонија и Бугарија, туку и Европската унија. Тоа, нагласи, треба искрено да им се каже на граѓаните.

-Ќе дојде денот кога и премиерот Христијан Мицскоски ќе го прифати тоа што треба да се прифати и што секој политички чинител треба да го прифати и уставните измени ќе се случат. Нема друго решение, ако некој има друго решение нека каже, рече Села.

Забелешките на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ова прашање, нагласува тој, ќе важат само до локалните избори, по кои, како што вели, власта ќе ги усвои уставните измени.

Тој во интервјуто говореше и за денешниот договор на македонската и унгарската Влада за специјална финансиска соработка и заем од 500 милиони евра, наменети за општините и за економијата. 

-Јас мислам дека само ако си протекторат на друга држава можеш да позајмиш пари од неа. Знам дека во либерални демократии пари се позајмуваат од финансиски институции. Кога земаш пари од некоја држава тоа може да има политичка цена, рече Села, додавајќи дека за разлика од тоа ако се земе заем од финаниски инститиции се плаќа само финансиска цена. сст/цр

фото: принт скрин Канал 5  

Остани поврзан