Спиропали: Соработката со Косово е национален приоритет на Албанија, таа е во корист на регионот
- Претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета на Косово, изјави дека за Албанија и за Косово соработката е нераскинлив приоритет и таа придонесува за стабилноста на целиот регион, јави дописникот на МИА од Приштина.
Приштина, 11 септември 2024 (МИА) – Претседателката на Собранието на Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета на Косово, изјави дека за Албанија и за Косово соработката е нераскинлив приоритет и таа придонесува за стабилноста на целиот регион, јави дописникот на МИА од Приштина.
На почетокот на заедничката прес-конференција со нејзиниот косовски хомолог, Глаук Коњуфца, Спиропали потсети на терористичкиот напад од 11 септември 2001 година во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека Албанија и Косово се „на иста линија со стратешките сојузници во борбата против тероризмот“.
„Косово е национален приоритет на Албанија. За Албанија и Косово соработката е неделив приоритет, таа е стабилизирачки и ориентирачки бином за нашата иднина и за целиот регион. Разговаравме (со Коњуфца) дека како претседатели на парламентите треба да им предложиме на владите подетално конкретизирање на сеопфатното стратешко партнерство, правејќи го охрабрувачки модел за меѓуалбанска регионална соработка и пошироко“, рече Спиропали.
Осврнувајќи се на дијалогот меѓу Косово и Србија, спикерката на албанскиот парламент рече дека тој нужно мора да резултира со потпишување на обврзувачки правен договор што ќе овозможи меѓусебно признавање на двете држави.
„Дијалогот Косово-Србија во целосна координација со нашите стратешки партнери, Соединетите Американски Држави и Европската унија, нужно мора да резултира со потпишување на правно обврзувачки договор кој овозможува взаемно признавање, членство на Косово во Обединетите нации и ЕУ, како и правичен третман на малцинствата во согласност со уставот... Тоа е долг процес, но порано или подоцна ќе има светло на крајот од тунелот, што ќе ја потврди неповратната геополитичка реалност - најмладата европска република - Косово“, рече Спиропали.
Таа нагласи дека во Тирана постои непоколебливо убедување дека Косово ќе го заврши овој процес со евроатлантска визија, како сериозен и силен партнер за стратешките сојузници.
„Онака како што е, како што е докажано и како што секогаш ќе биде“, рече Спиропали.
Таа го осуди терористичкиот напад во Бањска на северот на Косово од септември минатата година, како и нападите врз КФОР и новинарите во таа област, населена со српско мнозинско население.
„Авторите, организаторите и поттикнувачите на делата мора да одговараат и да бидат изведени пред лицето на правдата. Не можете да имате стабилна иднина без справување на минатото, не можете да имате ново поглавје на односите во регионот без чесно, морално, правно и политички да ги затворите болните и трагични поглавја од минатото“, рече Спиропали.
Таа порача дека пратениците во Собранието на Албанија секогаш ќе бидат во поддршка на Косово.иа/ссм/