Спахиу: Македонската заедница во Албанија е пример за посветеност, истрајност и љубов кон своите корени
- Вршителот на должноста амбасадор во македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу, кому вчера му беше врачена Благодарница од македонското друштво „Илинден“ искажа голема благодарност за укажаната чест и доверба.

Дебар, 5 април 2025 (МИА) - Вршителот на должноста амбасадор во македонската амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу, кому вчера му беше врачена Благодарница од македонското друштво „Илинден“ искажа голема благодарност за укажаната чест и доверба.
-Чувство на голема чест, да бидеш избран од нашинците. Им благодарам од срце за признанието и за укажаната доверба. Во овие 3 години со Македонците во Албанија соработувавме во многу успешни проекти и активности. Заедно ги делевме успесите и разочарувањата, но никогаш не престанавме да веруваме во подобро утре, рече тој за МИА.
Затоа, додаде, оваа Благодарница „ми значи многу и истата ја споделувам со сите нив“.
-Оваа Благодарница е доказ дека нашата соработка нема никогаш да прекине, а би сакал да биде, поттик за идните колегите кои ќе бидат дел од оваа Амбасада за да внесат нова енергија во соработка со нашинците затоа што тоа е единствениот пат за зачувување на културата, јазикот и традицијата, нагласи Спахиу.
Порачува дека македонската заедница во Албанија тоа го заслужува и е „пример за посветеност, истрајност и љубов кон своите корени“.
Благодарницата, во просториите на македонската амбасада во Тирана, му ја врачи претседателот на друштвото, Никола Ѓурѓај, за неговиот особен придонес и заслуги за друштвото „Илинден“ и македонското национално малцинство.
На врачувањето на признанието присуствуваше Радмила Стојмировска, прв секретар во македонската амбасада во Тирана и Ендрит Фетаху, потпретседател на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ).
Македонското друштво „Илинден“ - Тирана чија главна мисија е заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски идентитет во Република Албанија, е 6 февруари одбележа 16 години од формирањето, од кога е регистрирано и во Основниот суд во Тирана. вт/нд/
Фото: МД „Илинден“