• понеделник, 08 јули 2024

Со света литургија прославен патронот на храмот Св. Великомаченик Димитриј, Крива Паланка

Со света литургија прославен патронот на храмот Св. Великомаченик Димитриј, Крива Паланка

Крива Паланка, 8 ноември 2023 (МИА) – Митрополитот Кумановско – Осоговски г. Григориј чиноначалствуваше со Светата литургија по повод патронот на храмот, црквата Св. Великомаченик Димитриј во Крива Паланка.

Од рано утрово верниот народ ја исполни градската црква во центарот на градот каде се слави денот на светителот, Великомаченикот Димитриј. Литургијата со која чиноначалствуваше владиката г. Григориј, се одржа во сослужение со свештенослужители од кривопаланечкото архијерејско намесништво.

По завршување на литургијата беа осветени славските колачи и вода во дворот на црквата.

Соборниот храм Св. Димитриј во Крива Паланка е изграден 1833 година, а камбанаријата е подигната во 1935 година. Дел од фреските се дело на зографот Димитар Андонов Папрадишки, евидентирани се околу 104 икони во негова изработка.

Со заложби на Кумановско-Осоговската епархија и верниот народ минатата година беа обновени кровот и фасадата на црквата, а реставриран е и иконостасот во црквата, што го работеше академскиот сликар, конзерватор и реставратор, Валентина Илијевска. ид/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан