• понеделник, 23 декември 2024

Со грејната сезона повторно вклучен алармот за загадување на воздухот во Делчево

Со грејната сезона повторно вклучен алармот за загадување на воздухот во Делчево
Делчево, 11 ноември 2020 (МИА) - Почетокот на грејната сезона повторно го вклучи алармот за загадување на амбиенталниот воздух во Делчево. Иако експерите велат дека градот важи за релативно чист  сепак во последните 10 години се поизразена е употребата на синтетички материјали за затоплување што ја зголемува загаденоста и која е забележлива особено во вечерните часови кога под светлата на уличното осветлување се забележува сива нијанса на чад кој во комбинација со мирисот предизвикува чувство на горчина при дишењето. Тоа, според експертите, е резултат на соединенијата „фурани“ кои според нив се ослободуваат при употреба на синтетичките материјали.
- Делчево долги години важи за доста чисто место за живеење, каде агадувањата на амбиенталниот воздух на водата во почвата се минимални. За тоа придонесува самата индустрија која фигуративно кажано е на „бај-пас“, бидејки некогашните поголеми загадувачи како асфалтната база на Гранит и кожарата не работат. Она што е актуелно во поглед на загадувањето, а на што треба да се укаже е употребата на синтетички материјали, отпадоци и амбалажа, PET амбалажа, која граѓаните ја согоруваат и употребуваат за затоплување, односно за почеток на палење на своите печки, вели поранешниот инспектор за животна средина Крум Николовски.
Иако законски тоа, посочува Николовски, е казниво, казните според него не носеа резултати.
- Нема резултати од казните затоа што нашата свест овде, па и во целата држава функционира на тој начин што секој вели: „Кој ќе ме види мене во 22 часот навечер дали јас ќе ставам пластични шишиња или текстилен отпад во огнот“. Работата е во тоа што луѓе надлежни за таа работа, треба да се обидат да контактираат со секој граѓанин, со секој дом, да им кажат дека согорување на материјалите на синтетичка база, поготово текстилните отпадоци кои во Делчево ги има доста, бидејки во Делчево уште само конфекциите работат, се многу штетни за животот и здравјето на луѓето, бидејки при согорување на овие материјали се ослободуваат таканаречени соединенија „фурани“, кои се потешки од воздухот и се канцерогени. При согорување на амабалажа, било да е пластична или текстилна, тие гасови се околу печката и најмногу заболуваат луѓето кои живеат во дотичниот стан, зграда, куќа и слично. Кога тоа на луѓето ќе им се укаже, сметам дека тие веднаш ќе престанат да употребуваат такви материјали, бидејки прво тие се трујат, а потоа ја трујат околината, додава Николовски.
За ПМ честичките, поранешниот инспектор потенцира дека отсекогаш ги имало само не биле мерени.
- Не се тие опасност по здравјето на луѓето, отколку согорувањето на текстилните материјали и пластика. Знаете дека текстилот, односно памукот и волната се со ограничена количина, многу е потребен простор за нивното производство, што значи 90 проценти и повеќе од текстилот е на синтетичка база. Врз основа на нив, производите се претежно од нафта, почнувајки од метанот, па натаму се до друтите значи, ПВЦ или поливинил хлориди со додаток на јод, бром и други адитиви и затоа текстилот е евтин. Меѓутоа согорувањето е на температура пониска од 1200 степени целзиусови, значи тие фурани не се распаѓаат на та а температура, додека распаѓање има на над 1200 степени целзиусови. Тие нераспаднати ги вдишуваме, а што е најсимптоматично немаат мирис боја и вкус, што ги прави мошне опасни и луѓето неупатени во нивната штетност, истакнува тој.
Во текот на изминатите години општината активно се зазеде за контролирање на употребата на овие синтетички материјали при што од надлежниот иснпекторат беа направено повеќе контроли во поголемите капацитети кај кои било пријавено дека користат синтетички отпад за затоплување. Минатата година општината за решавање на овој проблем стави во функција и телефони броеви на кои граѓаните можеа да го пријавуваат загадувањето на амбиенталниот воздух.
- И оваа година општината планира да ја продолжи праксата на воспоставување дежурни инспекциски екипи кои ќе вршат контрола поврзана со евентуалната употреба на недозволени средства за огрев и кај правните и кај физичките лица. Вонредниот инспекциски надзор ќе го вршат инспекциски тимови составени од претставници од Општинскиот инспекторат при Општина Делчево и од ПС ОН Делчево, а инспекциите ќе се вршат во текот на 24 часа на територијата на градот и населените места. Граѓаните кои ќе забележат зголемено загадување на амбиенталниот воздух, ќе можат да пријавуваат на телефоните: 033 411 445, 410 988 и 413 662, информираат од општината. Оттаму апелираат до граѓаните, правните и физичките лица, да не користат за затоплување на индивидуалните или на деловните објекти недозволен огревен материјал како гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла и секаков вид отпад, со цел да се спречи загадување на амбиенталниот воздух и за почиста животна средина, а согласно со Законот за амбиентален воздух.вс/фф/

Остани поврзан