• среда, 08 април 2026

Со активноста „Физичко здравје“ одбележан Светскиот ден на здравјето на плоштадот во Тетово

Со активноста „Физичко здравје“ одбележан Светскиот ден на здравјето на плоштадот во Тетово

Тетово, 7 април 2026 (МИА) – Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ – Тетово по повод нивниот патронат како и денешниот Светскиот ден на здравјето организираа јавен настан во центарот на градот.

По повод Светскиот ден на здравјето учениците правеа проверки на заинтересирани минувачи на нивото на шеќер во крвта и слични медицински проверки. Воедно имаше и презентации на насоките во училиштето за заинтересираните ученици од основно образование.

- Денес на овој убав пролетен ден се прославува меѓународниот ден на здравјето и тука од плоштадот во Тетово, заедно со учениците од средното медицинско училиште и факултетот за здравствени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа. Тука сме да едновремено ги промовираме програмите на средното училиште и на факултетот, но исто така да придонесеме за нашите граѓани да бидат информирани за важноста на нивното здравје, односно за мерките кои треба да ги преземат во правец на редовни контроли во насока на тоа дека подобро е да се превенира отколку да се лекува, изјави градоначалникот Биљал Касами.

Средното медицинско училиште „Никола Штејн“ – Тетово според најновиот конкурс за учебната 2026/2027 предвидува во прва година средно образование да се запишат вкупно 696 ученици во 21 паралелка.

Од нив 195 ученици во шест паралелки со настава на македонски јазик, 467 ученици во 14 паралелки со настава на албански јазик и 34 ученици во една паралелка на турски јазик.

Во сектор „Здравство и социјална заштита“ за насоките медицинска сестра, забен техничар, фармацевтски техничар, физиотерапевтски техничар потребни се 70 поени минимум. Во сектор „Лични и други услуги“ за техничар за козметичка нега и убавина – 45 поени минимум. ас/

фото МИА 

Остани поврзан