Во Делчево одбележан 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите
- Наградени најдобрите ученици Роми, најавени нови мерки за подобра интеграција и инфраструктурен развој
Делчево, 7 април 2026 (МИА) – Со пригодна свеченост, во присуство на граѓани и претставници на локалната заедница, вечерва во Делчево беше одбележан Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.
Градоначалникот на Делчево Иван Гоцевски истакна дека овој ден претставува симбол на почит кон историјата, културата и идентитетот на ромската заедница, но и потсетник за заедничката обврска за градење општество со еднакви можности за сите.
– Меѓународниот ден на Ромите не е само датум, туку ден кога ја потврдуваме нашата заложба за општество во кое секој човек има достоинство и глас што се слуша. Различностите не нè делат, тие нè збогатуваат, рече градоначалникот Гоцевски.
Тој нагласи дека, иако ромската заедница во Делчево е интегрирана и активно учествува во општествениот и политичкиот живот, сепак остануваат предизвици, особено во делот на вработувањето и образованието. Според него, невработеноста кај ромската популација е над 50 проценти, што укажува на потреба од дополнителни мерки и активности.
Градоначалникот посочи дека образованието е клучен фактор за напредок, при што информираше дека во Делчево 100 ученици Роми се дел од образовниот процес, 20 деца посетуваат градинка, а 15 се вклучени во проектот „Инклузија на децата Роми“. Воедно, општината продолжува со практиката на наградување на најдобрите ученици Роми, при што оваа година износот на наградите е зголемен.
На свеченоста беа доделени награди за најуспешните ученици Роми, при што признанија добија основците Зекри Ферџан Ибраимов и Јасин Демиров, како и средношколката Хулејда Мемедова.
Во обраќањето беше нагласено дека Општина Делчево останува посветена на решавање на сите отворени прашања поврзани со ромската заедница преку реализација на стратешки документи и акциски планови. Најавена е и реализација на повеќе инфраструктурни проекти, меѓу кои изградба и реконструкција на улици, водоводна мрежа и други комунални зафати, особено во делови од градот каде живее ромската популација.
– Нашата цел е јасна – општество во кое секое дете има пристап до образование, секој млад човек има шанса за напредок, а секое семејство живее достоинствено, истакна градоначалникот.
Тој упати порака дека 8 Април треба да биде ден на нова надеж, енергија и заедничка посветеност кон создавање општество на еднаквост и меѓусебна почит. вс/лв/
Фото: МИА