• вторник, 12 ноември 2024

Сореца: Иднината на Албанија е во ЕУ, тоа се факти, а не зборови

Сореца: Иднината на Албанија е во ЕУ, тоа се факти, а не зборови
Тирана,10 мај 2020 (МИА) - Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца упати јасна порака дека иднината на Албанија е во Европската унија, потенцирајќи дека тоа не се зборови, туку факти. Тој оцени дека Албанија ја смета за еден од најдобрите пријатели на ЕУ. Според него, ова се покажало со подготвеноста и помошта што земјите на ЕУ и ја дадоа на Албанија по катастрофалниот земјотрес од 26 ноември минатата година, прво со операцијата за пребарување и спасување, а потоа и со процесот на обнова. - Албанија е еден од најважните пријатели за нас. По земјотресот, цела ЕУ бргу се мобилизираше за Албанија. Прво за пребарување и спасување, потоа со итна помош, додека сега со обновата. За ова ЕК веќе инвестира 150 милиони евра. Севкупно, земјите-членки на ЕУ ветија заедно 400 милиони евра, изјави Сореца. Посочува дека за да се справи земјата со влијанието на Ковид-19, ЕУ веќе обезбедила 230 милиони евра финансиска помош за Албанија, а повеќе финансии ќе доаѓаат подоцна оваа година, со економски план и инвестиции за регионот. - Веќе ги покриваме итните здравствени потреби на терен и ќе помогнеме во економското и социјалното закрепнување на земјата. За нас е важно да им помогнеме на нашите пријатели од Западен Балкан, во Албанија, од една едноставна причина: затоа што вашата иднина е со нас, во Европската унија. Овие не се зборови, туку факти, порачал евроамбасадорот Сореца, пренесува Ора њуз. вт/

Остани поврзан