• понеделник, 13 мај 2024

Сопругата на претседателот учествуваше на настанот „Училишта што го унапредуваат здравјето”

Сопругата на претседателот учествуваше на настанот „Училишта што го унапредуваат здравјето”

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска денеска во Скопје беше дел од настанот „Кон глобалните стандарди за училишта што го унапредуваат здравјето  - Резултати од пилот активностите во четири училишта”, како заедничка активност на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Министерството за образование и наука.

На настанот, на кој беа презентирани клучните наоди од иницијативата, се дискутираше и беше направена сеопфатна анализа на ситуацијата на здравјето и благосостојбата на учениците и имплементација на глобалните стандарди за училиштата кои го промовираат здравјето. 

Во своето воведно обраќање Ѓоргиевска нагласи дека самата инцијатива симболизира колективен напор насочен кон создавање на подобра и попросперитетна училишна средина и дека целта е учениците да се обезбедат не само со квалитетно образование, туку и со алатки и знаење за водење на здрав и исполнет живот.

-Училиштата се местото каде што нашите деца и млади се стекнуваат со знаење и воспитание. Нашата цел и визија е покрај знаењата и вештините предвидени во наставните програми, училиштата  да бидат место на кое учениците ќе ја добијат и основата за грижа и унапредување на своето здравје. Впрочем училиштата треба да бидат местото,  кое, меѓу другото, ќе обезбеди можности за градење на здрав животен стил на учениците. Со овој пристап го признаваме и препознаваме суштинскиот придонес на училиштата во телесниот, менталниот и емоционалниот развој на нашите ученици, истакна Ѓоргиевска. вј/нд/

Фото: Кабинет на претседателот

 

Остани поврзан