• среда, 20 ноември 2024

СОЗР: Најостро ги осудуваме лажните информации за цените во рестораните на државните институции

СОЗР: Најостро ги осудуваме лажните информации за цените во рестораните на државните институции

Скопје, 18 октомври 2023 

Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија (во натамошниот текст: Службата) работи одговорно, цените важат за сите вработени во институциите што ги опслужува.

Службата, најостро ги осудува лажните информации кои се пласираат во јавноста поврзани со цените во рестораните во државните институции, за што се пласираат невистинити информации дека СОЗР овозможува „богато и евтино мени за функционерите“. Службата, врши општи работи и услуги за потребите на Претседателот на Република Северна Македонија, Собранието на Република Северна Македонија, како и Владата на Република Северна Македонија, министерствата и органите во состав, секретаријати и други стручни служби на Владата на Република Северна Македонија. Службата воедно може да врши општи работи и услуги и за потребите на самостојните органи на државната управа, управните организации, правосудните органи и други државни органи.

Ја информираме јавноста дека во бифето од ресторанот се опслужуваат 250 вработени во Владата покрај функционерите, а во Собранието бифето го користат сите пратеници, вработени во службите, како и медиумските работници кои се на извршување на работни задачи во законодавниот дом. Тоа значи дека цените во рестораните на државните институции, не важат само за функционерите, туку и за пратениците, службите, сите вработени итн.

Службата работи на принцип на рамковни годишни набавки и маржа од 15% со одлука на Влада, и притоа е месечен даночен обврзник, што резултира со конкретни цени кои секако се различни и пониски од оние кои се во комерцијалните ресторани.

Прашањето на разликата во цените во ресторани кои ги опслужуваат државните институции и цените во комерцијалните ресторани кои ги плаќаат граѓаните не е прашање на привилегија, туку е прашање на одговорно работење и практики кои ги употребува Службата преку кои што се држат трошоците на институциите под контрола. Во оваа насока, посочуваме дека за разлика од енормните трошоци и милионските суми кои ги трошеше Владата на ВМРО - ДПМНЕ во овој сегмент, сега преку овие воведени практики на одговорно работење, се сведени на минимум. Сите државни институции трошат разумно и своите потреби ги задоволуваат во рамки на државните ресторани што во крајна линија значи заштеда и одговорно менаџирање на буџетските средства.

Службата апелира во иднина да не се шираат лажни информации кои ја вознемируваат јавноста. Нашата институција е секогаш отворена за соработка со креаторите на јавно мислење.

Служба за општи и заеднички работи на Владата на РСМ  

фото: МИА архива

_________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан