• среда, 16 октомври 2024

Скопје домаќин на Генералното Собрание на меѓународната унија на професионлани водичи во планина

Скопје домаќин на Генералното Собрание на меѓународната унија на професионлани водичи во планина

Скопје, 15 октомври 2024 (МИА) - Република Северна Македонија за прв пат ќе биде домаќин на Генерално Собрание на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA (Union of International Mountain Leaders Associations, www.uimla.org) кое ќе се одржи од 29 октомври до 4 ноември во Скопје.

Како што информираат од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, во рамки на Генералното Собрание ќе се одржуваат сесии на управувачките и стручните тела на UIMLA. Посочуваат дека важен дел од настанот се стручните тематски сесии на кои се дискутира за иднината на професијата, но и иднината на авантуристичкиот туризам во светот. Оваа година Генералното Собрание на UIMLA е со посебна важност затоа што станува збор за јубилеен настан по повод дваесет години од постоењето на меѓународната организација.

Изборот на Република Северна Македонија за домаќин на јубилејното собрание не е резултат на случајност, туку потврда за квалитетот на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина и нејзиниот сериозниот придонес и искрен пристап во развојот на професијата на меѓународен план. Важно да се напомене дека преку Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, Република Северна Македонија е прва и засега единствена земја од регионот која што е полноправна членка на UIMLA и која што врши обука на професионални водичи во соседните земји, како Косово,
Албанија и Црна Гора, што преставува своевидна потврда за нашето регионално лидерство во планинскиот туризам. Воедно тоа преставува одлична можност за соодветно лидерско позиционирање на сите туристички чинители од земјава, како од деловниот сектор, така и инститиуциите да ја искористат оваа ретка и тешко заработена можност, за подобро позиционирање на домашниот туризам во деловна, но и во институционална смисла, соопштуваат од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.

Посочуваат дека ефикасното спроведување на овој важен настан за Република Северна Македонија е од особена важност, не само за професионалните водичи во планина, туку и за туристичкиот и економскиот сектор во земјава, како и за институциите во чија што надлежност е организацијата и подршката на туризмот, затоашто тоа е ретка прилика да се презентира нашата земја и нејзините вредности пред меѓународната организација на професионални водичи, која што има исклучително значајна улога во креирањето на светските текови во авантуристичкиот туризам, кој пак од своја страна претставува еден од најважните сектори во дојдовниот туризам и важен економски потенцијал за нашата земја.

UIMLA е меѓународно раководно тело кое ги претставува професионалните планински водичи (International Mountain Leaders - IML) ширум светот. Една од најважните цели за UIMLA е да ја претставува професијата на меѓународно ниво, како и да постави еднакви стандарди на квалификации за сите меѓународни професионални планински водичи (IML). UIMLA исто така ја промовира професијата и ја поддржува соработката помеѓу професионалните планински водичи од различни земји во светот.

IML (International Mountain Leader) стандардот претставува меѓународен стандард за професионалните водичи во планина кои се занимаваат со водење клиенти на комерцијални планински тури низ целиот свет, односно гости во планинскиот туризам.

Македонската Асоцијација на Интернационални Водичи во Планина - МАИВП е национална организација на професионалните водичи во планина од Македонија која е членка на меѓународната унија на професионални водичи во планина - UIMLA од 2008 година, а од 2018 година е полноправна членка со право за издавање меѓународни лиценци за професионални водичи во планина според стандардот на UIMLA - International Mountain Leader, кое што претставува формално имплементирање на највисоките меѓународни критериуми за планински туризам во земјава. фф/дма/

Фото: Фејсбук на Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина - МАИВП

Остани поврзан