• петок, 03 јануари 2025

Скопје доби музичка фолк тура за промоција на  традицијата

Скопје доби музичка фолк тура за промоција на  традицијата

Скопје, 31 декември 2024

ФОЛКОНИКА - Центар за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца,ја создаде првата СКОПСКА МУЗИЧКА ФОЛК ТУРА. Таа е посветена на зачувувањето и промоцијата на македонската фолклорна традиција на градот, а во насока на едукација на најмладите, преку ваков  иновативен начин.

Оваа тура, претставува своевиден времеплов низ музичкото и културното наследство на Скопје. 

„Горди сме што успеавме да создадеме една ваква автентична приказна која ја поврзува музиката, историјата и културата на  Скопје, како епицентар на различни фолклорни бисери. Намерата е на најмладите да им понудиме, уште една иновативна форма, за да може да го привлечеме нивното внимание, кон запознавањето на македонската народна музичка традиција, како дел од нашиот национален идентитетот. Тоа е нашата мисија, “, истакнува Душко Георгиевски, претседател на ФОЛКОНИКА.

Турата ги вклучува најзначајните културни точки во градот, каде секоја локација е внимателно избрана за да ја долови суштината на македонскиот фолклор. Младите, добиваат  целосно искуство преку запознавање со народните инструменти, музејската поставка за нив, постоењето на мултиинструменталистка во Скопје, потоа единствен дуќан за изработка на народни инструменти.Со тоа, ќе се збогатат нивните знаења за  културата.

Првата точка, за запознавање со  македонското фолклорно богатство, е  „Музејот на Македонија“.Тука се наоѓаат поставки на народни носии, народни инструменти, обележје на фолклорот, преку кои се претставени македонските обичаи, дел од нашата традиција.

Во Скопје може да се види и слушне  мултиинструменталистката Бајса Арифовска. Ова е уникатна можност за секој љубител на македонскиот фолклор, зошто таа е нашиот фолклорен скапоцен бисер. Маѓепсува  со звуците на кавалот, гајдата, тамбурата, тапанот, кемането, од изворните инструменти, чалгиските и староградските, како утот, виолината, кларинетот, тарабуката. 

Во Скопје може да се види и единствениот дуќан за рачна изработка на музички инструменти. Градителите на музички инструменти  – Димитар и Љубомир Гиевски,  гордо се борат да ја зачуваат 80-годишната традиција вградена во секој рачно изработен инструмент, кој нуди квалитет и посебен звук, кој особено го ценат голем број љубители и еминентни музички имиња. Дуќанот „Гиевски“, сместен во Старата Скопска чаршија, на култната улица „Евлија Челебија“, сам по себе е музеј на едно дамнешно време, кој ги чува големите тајни на мајсторството, од кое се излеале многу убави звуци, кои допреле до душите на љубителите на фолклорот. 

Во околината на Скопје, може да се посети уште еден уникатен мајстор градител на музички инструменти - Стојанче Костовски од село Виниче, Скопско Изработувач на кавали,зурли,гајди, тапани, шупелки.Тој, пак, ги поттикнува со своите инструменти,  најдлабоките музички изливи, кои се силен белег на македонскиот фолклорен идентитет.

Секако, има уште скопски фолклорни бисери, кои ќе бидат забележани понатаму, но за младите генерации е важно да се привлече нивното внимание и да научат повеќе.

Скопската музичка фолк тура ќе имаат можност да ја уживаат децата од целата држава, за што Фолконика остварува соработка со училиштата и образовните установи, со цел да се вклучи во нивните активности.

Со оваа музичка фолк тура, Скопје добива нова  можност, да се претстави и на странските туристи, љубители на фолклорот. За таа цел, во наредниот период, Фолконика ќе одржува едукативни работилници со туристички работници, со цел да покажат интерес, да ја вклучат турата и во нивните туристички аранжмани за Скопје, на еден поавтентичен начин. Секако, дека традицијата се презентира пред туристите, но на овој начин, целта е со еден поинаков пристап, да се сврти нивното внимание. Ова ќе биде уште едно дополнување на туристичката понуда на Скопје, во кое, поминуваат странски туристи од целиот свет. 

Проектот „СКОПСКА МУЗИЧКА ФОЛК ТУРА“ за дел од активностите  финансиски е поддржан од Град Скопје.

ФОЛКОНИКА Скопје

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

фото ФОЛКОНИКА Скопје

Остани поврзан