• петок, 22 ноември 2024

Се реконструира улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало

Се реконструира улицата „Орце Николов“ во Дебар Маало
Скопје, 15 мај 2021 (МИА) - Почна реконструкцијата на првиот дел од улицата „Орце Николов“ во населбата Дебар Маало во Скопје. Со оваа реконструкција, предвидено е да се ослободи просторот за движење на пешаците и велосипедистите, да се отстранат сите поставени објекти и елементи кои во минатото беа пречка за нормално движење, и да се зголеми зеленилото на сите слободни површини. На денешната обиколка на работните активности на реконструкција на улицата присуствуваа градоначалниците на Општина Центар и на Градот Скопје, Саша Богдановиќ и Петре Шилегов, како и премиерот Зоран Заев. Градоначалникот Богдановиќ во своето обраќање денеска посочи дека ова е првиот дел од улицата кој што полека почнува да го добива својот финален изглед. -Улицата „Орце Николов“ со својот стар изглед е планирана уште во 2003 и 2004 година а изведбата започнала во далечната 2005 година каде бил направен коловоз во два правци, и тротоари кои подоцна со одлуката на тогашаната власт во Градот Скопје се доделени како паркинг, а само еден мал дел бил оставен за пешаци и велосипедисти. Асфалтот е обновен во 2014 и почетокот на 2015 година, но само половина од улицата, рече Богдановиќ. На ова место, според градоначалникот на Центар, имало многу неубави слики, каде лица со посебни потреби и инвалидски колички се движеа по коловозот, а истата слика, како што рече, ја гледавме и со мајки со деца во колички каде поминуваа заедно со автомобилите, небезбедно и несигурно за нив. -Благодарение на Град Скопје се донесе нов сообраќаен режим, каде целосно се измени концептот и на динамичниот и на стационарниот сообраќај. Претходната власт на Градот Скопје инвестираше само во десетина канти боја и неколку знака и од „Орце Николов“ направи паркинг, кој служеше само за наплата  собирање на средства, додаде тој. Како што информира, велосипедските патеки на оваа главна и најфрекфентна улица во Дебар Маало ќе бидат во должина од 2,8 километри, а тротоарите кои се ослободуваат ќе имаат површина од 6 338 метри квадратни. Вкупната изведба на коловозната површина ќе изнесува 5.964 метри квадратни, а низ целиот коловоз ќе има елементи за успорување на сообраќајот со лежечки полицајци но и со мали кружни токови. -Конечно во пракса ќе ја добиеме зоната 30 за која многу се зборуваше, но на терен ништо не се направи. Просторот кој што се користеше за паркирање по 90 степени се ослободува а паркирањето се решава со надолжно паркирање и ќе биде исклучиво резидентно и само за станарите, рече Бодановиќ. Со завршување на целата улица, како што додаде, ќе се отстранат сите тераси и поставени објекти и елементи кои во минатато беа пречка за нормално движење на пешачите и велосипиедистите. Ќе се зголеми и зеленилото на сите слободни површини. Реконструкцијата е финансирана од буџеотот на Општина Центар, и е во износ од околу 70 милиони денари. Како што рече Бодановиќ, ова немало да се случи без поддршка од централната власт. Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека со оваа обнова на улицата, ќе се добие квалитетен јавниот простор кој може да служи на граѓаните за прошетки и за развивање на алтернативен сообраќај. -Оваа улица се протега од плоштадот „Македонија“ па се до општина Карпош. Градот Скопје покажува поинаква политика и напор во уредување на јавниот простор и движење на пешаци и велосипедисти, за нас е имепратив, а паралелно со тоа градиме и квалитетна инфарструктура. Со ова се покажува дека ако се има волја и соработка меѓу инсттуции на локално ниво во Скопје и на централно ниво со Владата, може да се покаже еден поинаков пристап, рече Шилегов. Премиерот Зоран Заев посочи дека реконструкција на „Орце Николов“ ќе им даде поголем приоритет на пешаците со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста за нивно движење по целата должина на улицата. -Градот Скопје и Општина Центар со оваа реконструкција се водат од мотото здравјето и безбедноста на граѓаните на прво место. Брзината на движење на оваа улица за моторвните возила е ограничена на максималните 30 километри на час, а предвидените дополнителни зафати ќе обезбедат уште поголеми можности за безбедност на учесниците во сообраќајот, рече Заев. Тој додаде дека со новиот проект ќе се стесни коловозниот дел на улицата, со задржување на двете ленти на возила и ќе се изведе нов кружен тек кај раскрсницата со улицата „Ленинова“ која е позната по честите сообраќајни незгоди. Како што рече, планот за реконструкцијата превдидува и велосипедски ленти, кои ќе овозможат поврзување на велосипедистите и корисниците на алтернативните средства за транспорт, со останатите велосипедски патеки кои веќе постојат или се предвидени согласно Планот за развој на велосипедски патеки и на Град Скопје. Целата реконструкција на улицата е поделена во шест посебни фази, од кои секоја опфаќа посебен дел од „Орце Николов“ и тоа од раскрсницата со булеварот „Св Климент Охридски“, до раскрсница со улицата „Франклин Рузвелт“. Крајот на работите на оваа улица е предвиден кон средината на јули.бт/дма/  

Остани поврзан