• петок, 22 ноември 2024

Се пореален е бојкот на опозицијата на изборите за град Белград

Се пореален е бојкот на опозицијата на изборите за град Белград

Белград, 10 април 2024 (МИА) - Изборите за град Белград се распишани за 2 јуни, коалицијата околу СНС веќе ја предаде изборната листа, а во пресрет на утрешната средба на партитие за изборните услови во Собранието на покана на спикерката Ана Брнабиќ, се пореално е опозицијата поради неисполнување на нивните барања, согласно извештајот на ОДИХР, да ги бојкотира изборите, јави дописникот на МИА од Белград.

Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, го прецизира својот став да не може прво да се распишат избори, па дури потоа да се почне со спроведување на препораките на ОДИХР.

-Тоа значи дека за опозицијата тие избори не постојат. Како ќе се бориме против тие „избори“ ќе биде прашање што ќе го договориме заедно во рамките на коалицијата „Србија против насилство“ и коалицијата „НАДА“, а се надевам и со некои други вонпарламентарни организации, како и со некои организации во кои има различни интелектуалци, изјави Ѓилас.

На сличен став е и претседателот на партијата Србија Центар, Здравко Понош, кој денес изјави дека по распишувањето на изборите во Белград, веќе нема смисла да се зборува за изборните услови за тие избори и за излегувањето на нив.

-Има многу повеќе граѓани кои би не обвиниле што би се согласиле да учествуваме на изборите- кои не се избори и кои служат само за давање легитимитет на градската власт која произлезе од изборна кражба. Исправно е да не се учествува на вакви избори. Нема да бидеме дел од организираната изборна кражба за градоначалник да биде Александар Шапиќ (СНСС), рече Понош.

Истото мислење го дели и претседателот на Нова ДСС, Милош Јовановиќ.

-Ова не се избори. Сега треба прецизно да се изразиме. Ние секогаш сме за избори, но ова сега не се избори. Станаа толку бесмислени и ова е некаква лакрдија, нема смисла и можност да се согласите со такво нешто. Морам да потсетам дека четвртата точка од договорот со ПроГлас зборува за тоа дека заминувањето под исти услови е неприфатливо, дека тоа не се избори и дека никој нема да се согласи на такво нешто. Во таа смисла нашиот став остана непроменет, изјави Јовановиќ за порталот Нова.рс.

Прашањето за бојкот сè уште не е дефинитивна работа за некои од опозициските партии, кои сметаат дека се уште постои шанса истовремено да се исполнат условите за подобрување на изборните услови и за одржување на локални и белградски избори.

-Сè уште не е доцна за тоа ако ја сакаат опозицијата на избори, во спротивно нема да учествуваме во нивното изборно насилство без спроведување на препораките на ОДИХР и среден избирачки список, рече Алексиќ.

Сличен став има и Радомир Лазовиќ, копретседателот на Зелено-левиот фронт.

-Се додека има и најмала шанса да се подобрат условите и да се одговори на барањето на опозицијата, ние нема да се изјасниме. Нашиот став е јасен дека сакаме да направиме се за да можеме да излеземе на избори, да ги подобриме изборните услови, и јас сум поблиску до ставот на Мирослав Алексиќ дека треба да направиме се што е потребно. А за се друго ќе се изјасниме преку коалиција Србија против насилство. За нас е важно да се обидеме да направиме се што можеме, изјави Лазовиќ

Ставот за бојкот на двете опозициски листи „Србија против насилство“ и „НАДА“ не е конечен, но барем сега е појасен. Во овој момент се поизвесно е дека гласачите на белградските избори на 2 јуни нема да имаат можност да гласаат за тие две опции.

Претседателката на собрание, Ана Брнабиќ, ги покани претставниците на пратеничките групи и граѓанското општество да присуствуваат на нов состанок во четврток, 11 април, за спроведување на препораките од конечниот извештај на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) за престојните избори во Србија. об/сд/

Остани поврзан