• сабота, 21 декември 2024

Се одржа четвртото издание на Лешочки камерен музички фестивал

Се одржа четвртото издание на Лешочки камерен музички фестивал

Тетово, 4 октомври 2024 (МИА) - Во Духовно-културниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ се одржа четвртото издание на Лешочки камерен музички фестивал.

На свеченото отворање на 30 септември, на првиот концерт во 18:00 часот настапи дуетот гитари „Милонга“ во состав Дејан Лазаревски и Александра Кировска, а на вториот, во 19:00 часот, како уметници од регионот настапи Дајана Малорари-Пајазити – сопран во пијано придружба на Едита Руси. На втората фестивалска вечер настапи Никола Соколовски на кларинет во пијано придружба на Билјана Петровска, и Филип Трајковски на хармоника којшто на програмата настапи како солист и во дует со кларинетистот Соколовски.

- На двете вечери публиката имаше можност да проследи по два концерта со што се реализираа сите заложби на организаторот да учествуваат музички уметници од двете националности, македонската и албанската, коишто живеат во Полошкиот регион, промовирање на млади уметници како и на гости од странство. Сето тоа овој фестивал придонесува кон, приближување на различните култури преку универзалниот јазик на музиката, истакна уметничкиот директор на фестивалот Маја Шутевска-Кировска

Како и досега Лешочкиот камерен музички фестивал, отстапува место на младите музички надежи.

- И оваа година публиката во двете фестивалски вечери имаше прилика да ужива во убавината на камерното музицирање. Програмата понуди различни видови камерни состави со интересна програма со дела од периодот на романтизмот па сè до денес, а публиката беше почестена со неколку праизведби на дела за гитара. Четвртото издание на Лешочкиот камерен музички фестивал и оваа година ги оправда очекувањата на организаторот. Настапија млади коишто се на почетокот на својата кариера, како и изведувачи со поголемо искуство. Беа застапени музичари кои потекнуваат од полошкиот регион и уметници од двете етнички заедници коишто живеат на тој регион. Лешочкиот камерен музички фестивал придонесе во збогатувањето на духовноста на манастирот свети Атанасиј во Лешок, но и во целиот регион. Со нетрпение го очекуваме петтото, јубилејно издание на Лешочкиот камерен музички фестивал следната година, истакна Соња Андонов, музиколог.

На Лешочкиот камерен музички фестивал како гости од странство настапи Руја Танер од Турската Република Северен Кипар, пијано и Куршат Башар од Турција на саксофон. ас/дма/


фото: МИА 

 

Остани поврзан