• петок, 22 ноември 2024

Се одржа Етно саемот „Пехчевски Павловден“ 

Се одржа Етно саемот „Пехчевски Павловден“ 

Пехчево, 13 јули 2024 (МИА) - Локалните производи и рачни изработки од Пехчево, Малешевијата и Пијанец, денеска беа претставени по 16ти пат, во рамки на Етно саемот „Пехчевски Павловден“, што заедно со Фестивалот на дувачки оркестри - Пехчево 2024, се одржуваат во чест на патроните на градот - светите апостоли Петар и Павле.

Саемот го посети и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуноски, кој најави дека поддршката што Министерството ја дава за ваквите манифестации, ќе продолжи и во иднина.

- Ваквите настани ги поддржуваме преку Програмата за рурален развој. Сакаме да продолжи традицијата и негувањето на руралниот развој, ваквите настани да бидат поттик да се продолжи и во иднина рече Трипуноски.

За успешна организација на саемот, како што додаде градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, Министерството годинава ги зголемило средствата за поддршка на саемот на 120.000 денари.

Тој изрази задоволство од обединетоста и успехот да се одржат традиционалните вредности, преку промоција на традиционалните производи, ракотворби и други дејности, што, како што нагласи, се во тесна врска со руралниот развој.

- Денешниот „Павловден“ е целосно во знакот на традицијата со нашиот богат етно саем, што ќе продолжи со разновидна програма на „Пехчевскиот етно фестивал“. Со тоа, Општина Пехчево се стреми да предизвика долготрајно позитивно влијание за локалната економија и да биде пример за руралната заедница, изјави Китански.

Во рамки на празнувањето, во црквата „Свети Петар и Павле“ се одржа и света литургија.

- Денеска е патрон празник на нашата соборна црква. Ова е храм изграден на темелите на посточеки храм, што датира од втората половина на 17. век. Во осумдесеттите години од претходниот век е урната и е изградена сегашната црква, истакнаа од свештенството на црквата.

Прославата на „Павловден“ во Пехчево ќе продолжи со вториот дел од програмата на Фестивалот на дувачки оркестри, во чии рамки со почеток од 21 часот, ќе настапат Милица Тодоровиќ, Дејан Ристиќ со неговиот оркестар и Диџеј Доамлоаф. вс/бд/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан