• сабота, 21 декември 2024

Во Битола отворен Музеј на христијанското и исламското културно наследство

Во Битола отворен Музеј на христијанското и исламското културно наследство

Битола, 21 ноември 2024 (МИА) - Националната установа Завод и Музеј, вечерва во Битола отвори Музеј на христијанското и исламското културно наследство, прв ваков објект во државата, на кој на иста локација се наоѓаат Јени џамија, а под неа откриените темели на црквата „Св. Ѓорѓи“.

Според Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, овој споменик говори што значи да се биде едно, бидејќи на едно место почиваат темелите на една света црква и на една света џамија и тука не постои поделба.  

-Јени џамија и црквата „Св. Ѓорги“ од денеска се Музеј на христијанско и исламско културно наследство. Сите ние како луѓе сме верници без оглед на тоа на кој јазик го молиме Бога, без оглед на тоа со кој збор го ословуваме Бог, дали како Алах или како  Господ Исус Христос..всушност сите ние веруваме и како верници треба да бидеме љубов. Под напливот на глобалистичките трендови со кои што некој се обидува да не раздели и да посее семе на омраза, ние треба да застанеме и да кажеме не, ширејќи љубов, посочи Трајковска.

Со овој мега проект, Националната установа Завод и Музеј го одбележува својот јубилеј, 90 години од формирањето, нагласи Зоран Николовски, директор на установата.

-Првите археолошки ископување во Јени џамија почнаа во 2003 година под раководство на археологот Томе Јанакиевски, а подоцна и со други стручни лица кои работеа долги години и успеаја целосно да го реставрираат првиот дел од џамијата или тремот. Археолошкиот објект во иднина ќе биде Музеј и целосно отворен за јавноста и посетителите ќе се запознаат со историјатот кој датира од 7 до 11 век, истакна Николовски.

Според градоначалникот Тони Коњановски, новиот Музеј на христијанското и исламското културно наследство, ја потврдува историјата и значењето на Битола.

-На овие балкански и европски простори Битола е еден светилник, раскрсница на христијанството и исламот, но и на разни премрежија кои градот ги минал низ вековите. Битола доби објект кој значи нова туристичка понуда со историска вредност, посочи Коњановски.

Новиот Музеј во Битола се наоѓа спроти градскиот часовник или како што вечерва на свеченото отворање беше нагласено, тоа е објект со длабоки темели на црквата „Св. Ѓорги“ и високо издигната Јени џамија. мт/цр

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан