Се гради нова улица во делчевски Ѕвегор – инвестиција од околу 700.000 денари за подобра локална инфраструктура
- Жителите за првпат ќе добијат современа сообраќајница и полесен пристап до своите домови
Делчево, 20 јули 2026 (МИА) - Во делчевското село Ѕвегор започна изградбата на нова локална улица, со што продолжуваат активностите за подобрување на патната инфраструктура во населените места на Општина Делчево. Новата улица, која се наоѓа во централниот дел на селото, претставува долгогодишно барање на жителите и ќе овозможи побезбеден и поквалитетен пристап до домовите на повеќе семејства.
Според информациите од Општина Делчево, станува збор за улица со должина од околу 90 метри, која ќе биде целосно изградена согласно современите градежни стандарди.
-Со реализацијата на проектот ќе се подобрат условите за движење на возилата и пешаците, особено во делот од селото каде досега недостасувала соодветна патна инфраструктура.Од локалната самоуправа истакнуваат дека изградбата на улицата е директен одговор на потребите и барањата на жителите од овој дел на селото. Со новата сообраќајница, жителите кои живеат покрај улицата, како и оние кои секојдневно гравитираат во овој дел од Ѕвегор, за првпат ќе добијат современ и безбеден пристап до своите домови, информираа од Општината.
Се очекува проектот значително да придонесе за подобрување на квалитетот на животот, полесно одвивање на секојдневните активности, како и подобра поврзаност на локалното население.
Градежните работи ги изведува компанијата СД ТРАНС, а вкупната вредност на проектот изнесува околу 700.000 денари. Средствата за реализација се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски.
Од Општина Делчево посочуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со реализација на проекти за реконструкција и изградба на локални улици, со цел подобрување на инфраструктурата и создавање поквалитетни услови за живот во урбаните и руралните средини. вс/
Фото: МИА