• петок, 22 ноември 2024

Седум иницијативи на седница на Уставниот суд

Седум иницијативи на седница на Уставниот суд

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) - Уставниот суд на денешната седница ќе расправа по седум иницијативи за оценување на уставност и законитост.

На дневен ред на седницата е иницијативата со која е оспорен член 78-г од Законот за градење, поднесена од Даниел Георгиевски од Скопје.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член обезбедува дополнителни права само за оние субјекти што незаконски изградиле објекти само за индустриски градби со класа на намена Г2 (лесна преработувачка и помалку загадувачка индустрија) кој не е ни објект од јавен интерес за да се прават исклучоци. Се наведува дека со оспорениот член се заобиколува целокупната законска постапка за издавање одобрение за градење и постапката за одобрение за употреба која се применува и важи за сите правни и физички лица со што оние субјекти коишто изградиле објекти без одобрение за градење се доведуваат во повластена положба над останатите субјекти коишто изградиле објекти (или се во постапка за добивање) со одобрение за градење согласно Законот за градење. Меѓудругото, подносителот наведува дека со оспорениот член се дерогира правото на судска заштита на заинтересираните лица (соседи) да изјават жалба и да поведат управен спор против нелегално изграден објект чиешто одобрение за градење не станало правосилно според одредбите од Законот на градење, што е спротивно на членовите 15 и 50 од Уставот.

Судиите ќе расправаат и по иницијативата со која е оспорен член 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65 годишна возраст” од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани, поднесена од Игорчо Точев од Скопје.

Во иницијативата се наведува дека законодавецот има обврска во прописите да утврди исти услови под кои граѓаните ќе ги остваруваат своите права без притоа да се прави разлика помеѓу граѓаните, меѓу другото и врз основа на возраста. Во конкретниот случај, со воспоставување на горната граница „најмногу до 65 годишна возраст“ се лимитира можноста на лицата постари од 65 години да го остварат правото на надоместок поради попреченост, што е спротивно на принципот на владеење на правото.

На денешната седница ќе се најде и оспорениот акт: Одлука за суспензија од примена на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. „Б.С. Гојчо“, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ“, ул. „Перо Чичо“, ул. „Прва петолетка“ и ул. „Миле Кипра“-Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3.24ха, со технички бр. 19/18 од јули 2021, изработен од ДУПИ Планерис ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, донесен со Одлука бр. 09-9525/41 од 28.12.2021 година, бр. 09-4569/3 од 06 јуни 2023 година.

Подносител на иницијативата: ДПТУ УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово, ТДВНППУ ХРОМАК Емил ДООЕЛ увоз – извоз Куманово, застапувани од адвокатите Виктор Божиновски и Борче Ивановски, двајцата од Куманово

Според подносителите, Советот на Општина Куманово не ја запазил законски предвидената процедура што се однесува на постапката за суспензија на деталните урбанистички планови на начин што Советот без претходно да добие позитивно мислење од Министерството за транспорт и врски го суспендирал веќе донесениот урбанистички план поради несомнена штета по јавниот интерес, која би се зголемувала со неговото спроведување. Според наводите во иницијативата, во стручниот елаборат за суспензија било наведено дека при спроведувањето на ДУП, комисијата за урбанизам не ги исцрпила сите можности и не го зела предвид фактот дека за секоја градежна парцела во планот имало предвидено компатибилни намени за реализација на овие придружни содржини од јавен интерес со локално значење и тоа засебно за секоја градежна парцела. Понатаму, во иницијативата се наведува дека со извршување на оспорената одлука можело на настанат тешко отстранливи последици кои би причиниле значителна штета на Општина Куманово како и на физичките и правните лица – инвеститори, а постапката за градба траела со години, поради што се бара од Уставниот суд да донесе и времена мерка со која ќе ги запре од извршување сите поединечни акти и дејствија превземени врз основа на оспорената Одлука на Општина Куманово.

Судиите ќе дебатираат и по иницијативата со која е оспорен член 1 од Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за распределба на авторските надоместоци, поднесена од Славко Димитров од Скопје.

Според подносителот оспорените одредби од Правилникот предвидуваат пресметка на авторските надоместоци на начин контрадикторен на начелата утврдени во член 2 од Статутот на ЗАМП и спротивни на член 8 став 1 алинеји 3 и 6, член 30 став 3 и член 47 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, како и на член 147 алинеји 6, 7 и 8 од Законот за авторското право и сродните права. Подносителот смета дека ЗАМП со оспорените одредби ги фаворизирала оние автори чии авторски музички дела се со траење подолго од 4 минути, а на штета на оние автори чии авторски музички дела се со траење помалку од 4 минути, а спротивно за законските норми, ЗАМП на авторите кои навремено не ги пријавиле своите дела, им го одзел правото на целосна и правична исплата на нивните надоместоци кои ЗАМП во нивно име и за нивна сметка ги наплатил од корисниците на нивните објавени музички дела. На тој начин ЗАМП од надоместоците кои од корисниците во целост ги наплатил во име на авторите чии дела под полна морална и материјална одговорност навремено не се пријавени во ЗАМП, од една страна на овие автори незаконски им исплаќал 50% од наплатените надоместоци, а од друга страна преостанатите 50% незаконски ги прелевал во купот на севкупно наплатените надоместоци предвидени за распределба во соодветната календарска година.

На дневен ред се и иницијативата со која е оспорен член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Лозово бр. 0101-216/1 од 07.04.2006 година, иницијативата со која е оспорен член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Струга бр. 08-1535/3 од 16.04.2018 година, како и инцијативата со која е оспорен член 15 алинеја 3 од Деловникот на Советот на Општина Неготино („Службен гласник на Општина Неготино“ бр.3/2006). Сите три предмети се оформени по сопствена иницијатива на Уставниот суд. дма/лв/

 

Форо: МИА архива

Остани поврзан