• среда, 02 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Северна Македонија заедно со шест држави членки на ЕУ интензивно го реализира тригодишниот проект за нови знаења во зелена и дигитална транзиција

Северна Македонија заедно со шест држави членки на ЕУ интензивно го реализира тригодишниот проект за нови знаења во зелена и дигитална транзиција

Струмица, 27 март 2025 (МИА)-Северна Македонија заедно со Португалија, Шпанија, Италија, Холандија, Германија и Грција интезивно го реализира тригодишниот проект за знаења во зелена и дигитална транзиција “SEBCoVE-Smart Electricity for Buildings” финансиран од Европската комисија со вкупен буџет од 3, 7 милиони евра.

На панелот кој се одржа денеска во Струмица, покрај партнерските организации на SEBCoVE проектот-Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Сојуз на стопански комори на Македонија и Емкице КИЦ, учествуваа и градоначалници и стопанственици од регионот.

Според директорот на Центарот за развој на Југоисточниот регион, Ѓоко Камчев, во проектот се вклучени 19 партнери, од кои 16 се од земјите членки на ЕУ, а три од земјава.

-Овој проект има за цел да ни даде еден правец во рамките на енергетската ефикасност и паметната електрична енергија за згради. Со проектот до крајот на годината ќе биде отворен Центар за обука, односно за стручна извонредност, кој ќе се наоѓа во рамките на Југоисточниот плански регион и во него ќе се вршат обуки за компании, ученици и студенти и ќе бидат ангажирани експерти за да дадат поттик како објектите, и во јавниот и во приватниот сектор, да се градат и да бидат побезбедни, изјави Камчев.

За Илија Вучков, директор на Емкице КИЦ, добро е што има три партнери-јавен, приватен и академски сектор.

-Проектот помага да се зголемат знаењата и вештините за новите технологии кои се веќе на пазарот. За нас е многу значајно што се вклучува и академската заедница во тренинг центарот во Југоисточниот плански регион заради едукација и сертификација на младите за нивно следно вработување. Со тоа тие се кадар кој може да најде вработување било каде, но ние сакаме да останат тука, рече Вучков.

За бизнис секторот овој проект е од голема важност, бидејќи тој се потпира на употребата на високи технологии и образувани кадри.

-Дали градбите ќе бидат изолирани на соодветен начин, заштеда на електрична енергија, најмодерни системи за употреба на лифтови за против пожарна заштита, енергетска ефикасност на светилки, заштеда на електрична енергија-сето тоа ќе значи нови технологии, односно бизнисот ќе има еден чекор напред во насока на употреба на тие нови технологии. Затоа проектот го гледаме од развоен аспект, кој не носи во иднината, смета потпретседателот на Сојуз на стопански комори, Горан Ѓоргиевски.

Мотото на проектот е „Тригалници на знаењето“, кој подразбира трипартитна соработка на академскиот, јавниот и приватниот сектор е концептуална рамка щто ја претставува интеракцијата и интеграцијата на три клучни комппоненти: образование, истражување и иновации. Овој модел ја нагласува меѓусебната поврзаност и меѓусебното зајакнување на овие елементи за да се поттикне економскиот раст, општествениот напредок и создавањето економија базирана на знаење. рт/сст/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан