• среда, 21 август 2024

СДСМ бара оставка од Тошковски и истрага за одењето на Гаши во Косово на свадба поради „тешка злоупотреба на преминот Блаце“

СДСМ бара оставка од Тошковски и истрага за одењето на Гаши во Косово на свадба поради „тешка злоупотреба на преминот Блаце“

Скопје, 20 август 2024 (МИА) – СДСМ бара одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски затоа што за одењето на претседателот на Собранието Африм Гаши на свадба во Косово викендот бил „тешко злоупотребен граничниот премин Блаце и пропуштени приватни возила и лица, без контрола, кои патувале во поворка заедно со Гаши и сватовите“. Бара негова оставка, а од Обвинителството да отвори истрага за сите инволвирани. 

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција рече дека „само мал дел од скандалот“ е тоа што јавноста досега го знаела за одењето на Гаши приватно „со цела свита обезбедување на свадба во Косово со службено возило“, затоа што според информации што свиркачи ги доставиле до СДСМ, границата со Косово била отворена за службените возила на Гаши, но и за други приватни возила кои исто така биле дел од поворката по невестата.

-Сите возила - на Гаши, на неговото обезбедување и приватните возила, биле пропуштени без контрола. Според информациите кои ги добивме, поворката пред да ја помине границата била паркирана на една бензинска станица во близина на границата. Потоа, сите возила заедно, вклучително и приватните возила, поминале на лентата за камиони, односно товарен транспорт без да бидат застанати.  Да биде скандалот уште поголем, во возилата каде што се возело обезбедувањето на Гаши, имало и дел од сватовите односно приватни лица што е законски недозволено. Ова значи дека границата со Блаце била целосно приватизирана за потребите на Гаши и тоа со амин на МВР и одговорните службеници. Со ова е нарушена безбедноста на државата и проверката на патници која е задолжителна со закон, рече Кузеска на прес-конференцијата. 

Според опозициската партија, со оваа постапка државната граница „се третира како партиска своина“ на коалициските партнери Вреди  и ВМРО-ДПМНЕ, без да се почитуваат законите и институциите и дека е „тоа срам за државата“ и непочитување на нејзиното достоинство. 

Кузеска праша дали лично Гаши или Тошковски ја дал наредбата и кој од МВР, како што рече, „бил одговорен да го организира ова своеволие?“

- Бидејќи, јасно е дека без команда да се пропуштат возилата ова не можело да се случи. Дали контролата на границата кон Косово е целосно препуштена на партиските структури на ВЛЕН?  Кој гарантира што се поминало низ границата во приватните возила?, рече Кузеска.

Портпаролката соопшти дека СДСМ бара „сериозна истрага од Јавното обвинителство и одговорност од сите инволвирани за овој скандал“, а од министерот Тошковски да поднесе оставка „или да биде разрешен во најкратка постапка“.

-Бараме внатрешна контрола да утврди одговорност на сите кои ги пречекориле овластувањата во МВР, а Јавното обвинителство да понесе соодветни кривични пријави. Сега стана јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ вчера преку соопштенија го бранеше Гаши за овој скандал. Тоа е затоа што тој не можел да се случи без поддршка од МВР и раководни структури во министерството, додаде Кузеска. хс/са/

Фото: МИА 

Остани поврзан