• недела, 17 ноември 2024

Свечена седница на Комитетот за односи меѓу заедниците по повод одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор

Свечена седница на Комитетот за односи меѓу заедниците по повод одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор
Скопје, 29 јули 2021 (МИА) - Тогашните политички претставници со безрезервна поддршка и охрабрување од нашите меѓународните стратешки партнери и досега многу пати докажани пријатели, храбро, мудро и со далекувидна визија помогнаа во постигнувањето примирје со отворен и непосреден политички дијалог во убавиот Охрид, град во кој што се постави новата структура за нашата меѓуетничка кохезија со воспоставување на новите правила на општествена кохезија која ќе биде најцврстиот и најсолидниот темел врз кој што ќе ја градиме заедно нашата евроатланска иднина, истакна претседателот на Собранието Талат Џафери на свечената седница на Комитетот за односи меѓу заедниците по повод одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор. Според него, и тогаш и сега постојат лица кои не се потполно уверени во  неопходноста и моќта, ефективноста и резултатите на овој договор, меѓутоа, како што рече Џафери, доколку тоа бидеме целосно искрени пред себе и пред сите нема да можеме да замижеме пред очигледната трансформација на нашето општество. - Основањето на Комитетот во 2002 година беше нов момент за сите нас, меѓутоа ако погледнеме од денешна перспектива, беше најсоодветниот начин на овозможување на простор и време и за искажување на потребите, образложување на состојбите, разгледување на прашањата кои на директен начин ги тангираат етничките заедници во нашата земја. Не можеш да придонесеш глобално, ако немаш мир и релаксирани односи внатре дома со взаемна почит со секој еден член на семејството, па да бил тој и најмладиот, рече тој. Ако размислуваме и гледаме објективно на тогашниот општествен дискурс, потенцира Џафери, тажно е што мораше да се воспостави механизам со кој ќе се регулираат односите меѓу заедниците што не се мнозинство во земјата, обезбедувањето на правата на заедниците кои не се мнозинство, овозможување на правото на изразување и настава на свое писмо и јазик, правото на изразување на идентитетот и особеностите на етничката заедница во областа на културата, информирањето, издавачката дејност и други области. - Горд сум што истрајавме силно и се трансформиравме како општество, созреавме како политичари, како граѓани, ние се отворија видиците у успеавме да ја согледаме големата слика пред која стоиме заедно сите со јасна заедничка цел пред нас, а тоа е Република Северна Македонија да биде успешна приказна за напредна, современа, парламентарна демократија, полноправна членка на НАТО и големото европско семејство, рече спикерот Џафери. Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем истакна дека нормативниот дел од договорот е усвоен, но неговата имплементација е вечна, секојдневна во секое дејствување за тоа што, како што рече, уставот и законите се спроведуваат секој ден, Охридскиот договор е устав и закон. - Од оваа говорница ги плашевме граѓаните дека оваа земја ќе се распарчи, ќе биде поделена, ќе се направи голема Албанија, дека ќе се измени карактерот на државата, дека земјата ќе престане да постои, погледнете каде што сме денеска, ништо лошо не и се случи на нашата земја. Никој не изгуби, победија сите, и Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Бошњаците, Власите и сите други заедници, победија сите граѓани, нашата земја победи. Денеска сме земја членка на НАТО со зелено светло за почеток на преговорите со Европската унија. Денеска никој не зборува за поделба, туку за интеграција. Денеска никој не зборува за војна, туку за мир. Никој не зборува за мајоризација, туку за еднаквост, рече Груби. Џеват Адеми, поранешен пратеник и претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците изјави дека Охридскиот договор ја спречи војната и ја отстрани ескалацијата во меѓуетнички конфликт и му даде шанса на мирот. - За среќа ние сме сведоци колку многу сме направиле, колку многу сме постигнале, а во исто време уште колку многу треба да направиме. Охридскиот договор ја спаси Северна Македонија. Албанците и другите заедници ги направи порамноправни, не ги загрози Македонците. Но, за жал, политичката елита, туку и интелектуалната и пошироко се уште август 2001 го чувствуваат како загуба, напротив треба да го слават и чествуваат. Охридскиот договор ја спречи војната. Ја отстрани ескалацијата во меѓуетнички конфликт и му даде шанса на мирот кој извонредно го искористивме. И денеска по 20 години, Северна Македонија е полноправна членка на НАТО, со една нога внатре европското семејство, отстранување на границите меѓу земјите од регионот, рече тој. Зеќир Рамчиловиќ, пратеник и член на Комитетот во претходниот и сегашниот мандат потенцира дека Охридскиот рамковен договор најпрвин стави крај на конфликт кој можеше да прерасне во граѓанска војна со страшни последици, ги смири и стабилизира меѓуетничките односи во земјата, но исто така што е многу важно, рече тој, продолжи и по 20 години да биде позитивен фактор во развојот и просперитетот на државата и на сите етнички заедници градејќи еднакво општество за сите. Дафина Стојаноска, пратеничка и член на Комитетот во претходниот и сегашниот мандат истакна дека партиите ги имаат одлуките за носење многу важни решенија. - Денес, после две децении и повторно партиите се тие кои ги носат важните одлуки и кои што решаваат многу судбини. А чии се тие судбини? Тоа се судбините на нашите сограѓани без разлика дали и на која партија се членови и без разлика на која етничка заедница и припаѓаат. решаваме многу судбини, вклучително и нашата. Денес, ние сведоците на, се надевам и последната војна на овие простори, не смееме да заборавиме колку е битен мирот, колку е важна слободата. Да не ја заборавиме и да не дозволиме никогаш повеќе да ни се повтори. Имавме можност да научиме од претходните војните на просториите на бивша Југославија, но дозволивме тоа и кај нас да се случи. Денеска сме 20 години после македонскиот воен конфликт, но и 20 години потоа повротно имаме или заземаме различни  ставови за речиси идентични случаи. Загубата на блискиот исто боли, плачот нема разалика, солзите исто течат и печат, рече пратеничката Стојаноска. фф/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан