• понеделник, 23 декември 2024

Сајкоски: Декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев треба да биде точка на обединување

Сајкоски: Декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев треба да биде точка на обединување
Скопје, 4 февруари 2022 (МИА) - ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката група ќе достави до Собранието Декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на големиот македонски син и водач на револуционерното дело Гоце Делчев. Оваа декларација треба да биде точката на обединување на политичките партии во македонското Собрание. Да покажеме обединетост околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија, изјава денеска Ѓорѓија Сајкоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. -Приклучувајќи се кон обележувањето на значајните настани и истакнатите личности во 2022 година предлагаме Декларација по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Констатирајќи го огромното, недвосмислено и широко прифатено значење на ликот и делото на големиот македонски син Ѓорѓи Николов Делчев во остварувањето на целите на народна епопеја за слобода и независност, ние пратениците на Собранието, со оваа Декларација натамошно го афирмираме наследството, улогата и значењето на оваа, без сомнение централна личност од македонската историја, нагласи Сајкоски во Собранието. Тој ја повика државната компанија за поштенски услуги, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да издаде поштенска марка со која ќе се одбележи овој важен јубилеј за македонската држава. Ги повика Институтот за национална историја и Македонската академија на науките и уметностите, во согласност со своите надлежности, во текот на 2022 година да организираат соодветни настани и да реализираат соодветни проекти со кои ќе се одбележи 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. -Акцентирајќи го длабоко моралниот карактер на ставовите на Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот, го повикуваме Министерството за образование и наука во текот на 2022 година, во согласност со своите надлежности да преземе активности со кои на одделенските часови во основните училишта ќе се информираат учениците за ликот и делото на оваа личност од македонската историја, рече Сајкоски. Се задолжува, како што рече, Националната установа Музеј на македонската борба, во рамки на своите надлежности и можности, во текот на 2022 година да спроведе соодветни активности и да реализира соодветни проекти со кои ќе се зацврсти споменот на граѓаните за ликот и делото на оваа важна историска личност. Декларацијата ќе се достави до Владата, Институтот за национална историја, Македонската академија на науките и уметностите и до Националната установа Музеј на македонската борба. мд/ац/

Остани поврзан